Металург гостува кај Фиверс

56
Фото: Маја Јаневска-Илиева

На мечот со Чеховски медведи покажавме дека можеме да одиграме квалитетно, па ако со Фиверс поправиме дел од грешките, мислам дека можеме да парираме, да играме неизвесно до самиот крај. Ако влеземе со израмнет резултат во завршните десет минути, верувам дека би можеле да освоиме бодови, вели левото крило Поповиќ, пред мечот вечерва, во Виена, во 9. коло на ЛЕ

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Како и во претходните неколку натпревари, и во денешниот меч ќе влеземе без резултатски притисок, со единствена цел да одиграме максимално. Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, не можеме предвреме да ветуваме победа, но можеме да се бориме и да дадеме сѐ од себе, па да видиме за каков резултат ќе биде тоа доволно, изјави левото крило Милан Поповиќ, пред мечот денеска на ракометарите на Металург (20.45 ч., пренос МТВ), на гости во Виена кај австрискиот првак Фиверс, во 9. коло во Лигата на Европа.
И денеска металурзите ќе бидат во некомплетен состав, поради заздравување по позитивни случаи на коронавирусот и повреди.
– На мечот со Чеховски медведи покажавме дека можеме да одиграме квалитетно, па ако во денешниот меч со Фиверс поправиме дел од грешките, односно одиграме поборбено и поангажирано во одбраната, мислам дека можеме да парираме и да играме неизвесно до самиот крај. Факт е дека многу ќе ни недостигаат отсутните во ротацијата, но ако успееме да влеземе со израмнет резултат во завршните десет минути, верувам дека би можеле да изненадиме и да освоиме бодови – рече Поповиќ.

Во првиот меч во Скопје, Металург и Фиверс одиграа нерешено 33-33. Австријците во досегашниот тек од сезоната одиграа осум меча, во кои забележаа една победа (над Тулуз), две ремија (со Металург и со Адемар Леон) и пет порази (по два од Висла и од Чеховски и еден од Адемар), и со четири бода се на петтата позиција во групата А. Според ефектот во осумте меча од групната фаза, најефикасна била бековската линија на Фиверс, која постигнала 139 гола или 60 отсто од вкупниот број погодоци на тимот, крилата реализирале 60 гола (26 отсто), а пикерите бележат ефект од 32 гола (14 проценти од погодоците).

Најефикасни поединци во составот на тренерот Петер Екл се левото крило Ерик Дамбок, со 37 гола (11 на дуелот во Скопје), еден погодок помалку има левиот бек Лукас Хутачек, трет стрелец во тимот е Никола Стевановиќ со 30 гола, а пикерот Тобијас Вагнер зад своето име запиша 27 реализации (осум пати на мечот во Скопје, а бековите Марин Мартиновиќ, Хутачек и Стевановиќ постигнаа по три гола на таа средба). Во пролетниот дел од сезоната, Фиверс играше со Чеховски и со Висла, и двата меча ги загуби (30-25, односно 30-22), а најефикасни одново беа Дамбок, Мартиновиќ и Хутачек.


ГРУПА А

Фиверс – Металург 20.45 ч.
Адемар – Висла 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Висла 8 8 0 0 16
Aдемар 7 3 3 1 9
Чеховски м. 6 4 0 2 8
Тулуз 6 1 2 3 4
Фиверс 8 1 2 5 4
Металург 7 0 1 6 1