Металург гостува кај некогашниот европски првак

131
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Металург во меч од Регионалната лига денеска игра со искусната Стеауа, кај која најефикасни се Милошевиќ (31), Флореа (36) и Грегореску (37), а одбраната ја предводи голманскиот двоец Станеску (30) и Бабасафари (32)

Со денешниот меч (17.30 часот, пренос на МТВ) од 17-то коло во Регионалната лига, против романскиот претставник Стеауа, ракометрите на Металург по 20-дневна пауза се враќаат во натпреварувачки ритам. Избраниците на тренерот Данило Брестовац во својот 15-ти меч сезонава во регионалното натпреварување ќе се потрудат да одиграат добар натпревар со желба да ја забележат третата победа сезонава.

– Ова ќе биде уште еден натпревар во кој ќе се обидеме да надиграме далеку поискусен и поквалитетен состав од нас. Без Александер Шпенде во игра ќе биде уште потешко, но верувам и се надевам дека секој од играчите ќе го даде својот максимален придонес за што подобра и поквалитетна игра на нашиот тим – изјави Брестовац.

Некогашниот европски првак Стеауа (континентален шампион во 1968 и во 1977 година) со 18 бода од шесте победи (има и 10 порази) ја има шестата позиција на табелата, а Металург е деветти со седум бода од двете победи и едно реми. Тимот на Михаил Овидиу е составен од искусни и квалитетни ракометари меѓу кои како најефикасни во досегашниот тек од сезоната се издвојуваат левиот бек 31-годишниот Крсто Милошевиќ (44 гола), левото крило 36-годишниот Габриел Флореа (42 погодока) и десното крило 37-годишниот Ионут Грегореску (38 гола), а и романската одбрана ја предводи искусниот голмански двоец Тудор Станеску (30) и Мохсен Бабасафари (32).
Во редовите на Металург најефикасни поединци се десното крило Анте Токиќ (53 гола) и бековите Мартин Серафимов (39 реализации) и Шпенде (39 гола), кој поради повреда на окото нема да настапи на денешниот меч. 


ТАБЕЛА
1. Нексе 15 12 0 3 36
2. Загреб 14 12 0 2 36
3. Вардар 14 12 0 2 36
4. Мешков 15 10 0 5 30
5. Татран 16 10 0 6 30
6. Стеауа 16 6 0 10 18
7. Војводина 15 5 1 9 16
8. Железничар 15 3 1 11 10
9. Металург 14 2 1 11 7
10. Извиѓач 16 1 1 14 4