Металург ги почна висинските подготовки на Копаоник

73

Во следните седум дена ракометарите на победникот на Купот на Македонија ќе работат на физичката, техничко-тактичката и на психолошка подготовка на екипата за новата сезона

Ракометарите на Металург ја завршија првата фаза од подготовките за новата сезона и од вчера се на Копаоник (Србија) каде што во следните седум дена ќе работат на физичката, техничко-тактичката и на психолошката подготовка на екипата за новата сезона.

Со приклучувањето на Грузиецот Иракли Кбилашвили, тренерот на Металург Дамир Стојановиќ на располагање ќе ги има сите ракометари со исклучок на кадетските репрезентативци, Мартин Серафимов, Дарко Кондев и Михајло Младеновиќ, кои настапуваат за Македонија на Светското првенство за ракометари до 19 години што се игра во Скопје.

Во рамките на подготовките за новата сезона, победникот на Купот на Македонија во втората половина на август треба да учествува и на два пријателски турнири, првиот во Русија (Москва), а вториот во Србија (Кањижа).

На првиот турнир во Русија (од 15 до 19 август) Металург за противници ќе ги има белорускиот првак Мешков, романска Стеауа и домаќинот, првакот на Русија, Чеховски медведи. На турнирот во Србија (од 22 до 25 август), за кога се очекува приклучувањето кон тимот и на кадетските репрезентативци, металурзите ќе играат со Нексе (вицешампион на Хрватска), Партизан (Србија) и со Рамат Шарон (Израел).