Металург во Маврово продолжува со подготовките

50
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во наредните десет дена во Маврово ќе продолжиме со кондициска подготовка и ќе почнеме и со поинтензивна техничко-тактичка подготовка, во која ќе уигруваме напаѓачки и одбранбени формации. Располагаме со искусни и квалитетни играчи, на кои верувам дека нема да им треба многу време за меѓусебно приспособување, изјави тренерот Кастратовиќ

РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Од денеска во наредните десет дена ракометарите на Металург ќе престојуваат во Маврово, каде што ќе ја работат третата фаза од подготовките за новата сезона, која за нив официјално почнува на крајот на август, со натпреварот на домашен терен, со хрватскиот тим Спачва од Винковци, во првото коло од квалификациите за пласман во новоформираното натпреварување, Лигата на Европа.
Тренерот на металурзите, Зоран Кастратовиќ, е задоволен од сработеното во првите две фази од подготовките во Скопје, во кои играчите прво работеа индивидуално, а потоа во помали групи ракометари.
– Во овие десетина дена што работевме во Скопје акцентот ни беше на враќање на физичката подготвеност, а во наредните десет дена во Маврово, покрај тоа што ќе продолжиме со кондициска подготовка, ќе почнеме и со поинтензивна техничко-тактичка подготовка, во која ќе уигруваме напаѓачки и одбранбени формации. Располагаме со искусни и квалитетни играчи, на кои верувам дека нема да им треба многу време за меѓусебно приспособување. Верувам дека со сериозна работа и со максимален пристап, здрави и подготвени ќе ги дочекаме првите официјални натпревари сезонава, со хрватскиот претставник Спачва од Винковци, во квалификациите за пласман во Лигата на Европа – изјави Кастратовиќ пред поаѓањето за Маврово.
По подготовките во Маврово, металурзите ќе продолжат во Струга, каде што треба да настапат на традиционалниот ракометен турнир, на кој ќе ја имаат и првата контрола за дотогаш сработеното во однос на уиграноста и на компактноста на тимот. Та.Д.