Медитерански игри со експериментални правила

67

Кадетската репрезентација на Македонија е во групата Б и ќе игра со Шпанија, Мароко, Црна Гора, Турција, Тунис и со Хрватска, а турнирот се игра според експериментално правило, со три третини од по 15 минути. Најдобрите четири селекции од секоја од двете групи ќе играат во четврт-финалето

Со денешните дуели против Шпанија (14.30 ч.) и Мароко (18.45 ч), македонската машка кадетска ракометна репрезентација ќе го почне настапот на 17-те младински Медитерански игри, кои во следните шест дена ќе се одржуваат во Атина, Грција. Турнирот се игра според експериментално правило, со три третини од по 15 минути.
На меѓународниот медитерански шампионат ќе настапат 14 репрезентации од кои осум европски (Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Грција, Романија, Шпанија и Турција), три азиски (Саудиска Арабија, Бахреин и Кувајт) и три африкански (Тунис, Египет и Мароко), поделени во две групи со по седум репрезентации. По вчерашната ждрепка, македонските кадети добија место во група Б, каде што покрај Шпанија и Мароко, противници ќе им бидат и селекциите на Црна Гора, Турција, Тунис и на Хрватска. Во групата А ќе играат Романија, Бахреин, Египет, Грција, Кувајт, Саудиска Арабија и Србија.

Четирите најдобропласирани селекции во групите ќе продолжат во четврт-финалето, а победниците од таа фаза ќе обезбедат пласман во полуфиналето и мечевите за медали. Поразените во четвртфиналната рунда, пак, ќе разигруваат за пласман од петтото до осмото место, а оние што нема да обезбедат четврт-финале ќе разигруваат за пласман од деветтото до 14-то место.

Пионерската репрезентација на Македонија (играчи родени 2004 и 2005 година), пак, имаше двомеч со Романија во Калараш. Со оглед на тоа што ова беше прв официјален настап на најмладата категорија ракометни репрезентативци, резултатот на овој турнир беше ставен во втор план на сметка на формирање и уигрување на новата генерација ракометари, чиј поширок список има 46 играчи. Пионерите резултатски парираа само во почетните минути од натпреварите, против своите врсници, кои веќе неколку пати имаат учествувано на турнири и пријателски натпревари. Македонските пионери првиот меч го загубија со 30-22 (13-10), а во вториот дуел Романците славеа со 29-22 (17-11). Најефикасни во македонскиот состав беа Славчо Шулевски со 11 и Ненад Белистојаноски со 10 гола. 


МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ, ДВОЈКИ
Денеска
Македонија – Шпанија 14.30 ч.
Македонија – Мароко 18.45 ч.
Утре
Македонија – Тунис 12 ч.
Македонија – Хрватска 15.45 ч.
Среда
Македонија – Црна Гора 12 ч.
Македонија – Турција 17 ч.