Македонска инвазија во Бундес-лигата

482
Талески е во Левен од сезоната 2016/2017

Во следната сезона Македонија ќе има пет ракометари во германското првенство, и тоа Филип Миркуловски, Филип Талески, Филип Кузмановски, Мартин Томовски и Жарко Пешевски

Во следната сезона во најсилната европска ракометна лига Бундес-лигата, како ретко кога ќе има дури пет македонски интернационалци. Во минатото еден од ретките што играше во германското првенство беше Пепи Манасков, а од септември во Бундес-лигата, за што повисок пласман во германското првенство, ќе играат меѓусебно бековите Филип Миркуловски, Филип Талески и Филип Кузмановски, голманот Мартин Томовски и пикерот Жарко Пешевски.

Средниот бек Миркуловски е македонски ракометар со најдолг стаж во германската Бундес-лига. Следната сезона ќе биде петта за поранешниот македонски репрезентативец, кој од минатата сезона ја доби и капитенската лента во Вецлар.
Покрај Миркуловски, веќе староседелец во Бундес-лигата е и левиот репрезентативен бек Талески, кој од септември ќе ја игра четвртата сезона за Левен. Во дресот на „лавовите“ од Манхајм, Талески има една шампионска титула од својата прва сезона во Бундес-лигата (2016/2017), а во следната сезона (2017/2018) го освои германскиот Куп.

Од годинава бундеслигаши стануваат голманот Томовски, кој ќе го брани голот на Лудвигшафен, левиот бек Филип Кузмановски, кој ќе биде дел од составот на Магдебург и пикерот Жарко Пешевски, кој станува член на Штутгарт. Во претходните години во Бундес-лигата играа и голманот Борко Ристовски и левото крило Дејан Манасков, кои по една сезона ги бранеа боите на Левен, Ацо Јоновски во Бергишер…
Покрај во најсилната Прва германска Бундес-лига македонски ракометари има и во пониските по ранг лиги во таа земја, па, така, во Третата германска лига, во Ратинган, играат Филип Лазаров, Петар Ангелов и Јоновски. Покрај за ракометарите, Бундес-лигата ги отвори вратите и за македонските ракометарки. Левото репрезентативно крило Јована Саздовска ќе ја игра втората сезона за германскиот вицепрвак Турингер, а минатава сезона дел од Нехарсулмер беше левиот бек Симона Стојковска. Та.Д.