Македонија четврти пат игра со Русија на СП

122

Двете селекции досега на СП се имаат сретнато трипати, и имаат по една победа и едно реми

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЕГИПЕТ

Селекцијата на Русија ќе биде денешниот противник на Македонија (15.30 часот) во вториот меч во главната рунда на ракометното Светско првенство (СП) во Египет. Русите го играат 14-от мундијал, а со Македонија досега на СП се имаат сретнато трипати (двете селекции имаат по една победа).
Во досегашниот тек на СП во Египет, Русите имаат победи над Словенија (31-25) и над Ј. Кореја (30-28), реми со Белорусија (29-29) и еден пораз од Египет (28-23). Најефикасен ракометар е младиот лев бек Сергеј Косоротов, со 21 гол, по 15 погодока имаат десниот бек Димитри Киселев и левото крило Игор Сорока, а стрелец на 12 гола и креатор на уште 12 е искусниот организатор на играта Димитри Житников. Според статистичките податоци, репрезентацијата на Русија досега на ова СП постигнувала по 29 гола по меч (30 од шест метри, 27 гола од бековските позиции, 20 од крилните позиции, 19 од продорна игра еден на еден, 10 од контранапад и девет од седум метри), примале по 27,5 гола, 13 украдени топки и шест блока.

Селекцијата на Словенија ја оправда фаворитската улога и, по ефикасната игра, ја победи репрезентацијата на Македонија со 31-21, во првиот меч во главната групна фаза на СП 2021. Најефикасен во македонскиот состав беше капитенот Кирил Лазаров, со пет гола, а Филип Кузмановски беше стрелец на четири погодоци. Голманскиот двоец имаше 13 интервенции (Никола Митревски осум, Мартин Томовски пет).
– Конечниот резултат не ја рефлектира реалната разлика меѓу двата тима. Одлично го почнавме натпреварот, но направивме премногу неизнудени технички грешки во второто полувреме, кои противникот ги искористи. Сметам дека не требаше да загубиме со толку голема разлика. Пред нас се уште два меча, со Русија и со Белорусија, во кои се надевам на подобра, поконцентрирана и поефикасна игра – изјави селекторот Данило Брестовац. 


ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Мароко – Ј. Кореја 15.30 ч.
Швајцарија – Португалија 15.30 ч.
Македонија – Русија 15.30 ч.
Австрија – Чиле 18 ч.
Исланд – Франција 18 ч.
Египет – Белорусија 18 ч.
Норвешка – Алжир 20.30 ч.
Словенија – Шведска 20.30 ч.