Македонија четврта, Серафимов најдобар стрелец

246
Серафимов со трофејот за најдобар стрелец

Кадетската репрезентација, која се подготвува за настап на СП 2019, во мечот за бронзата загуби од Германија, откако водеше и со четири гола разлика. Десниот бек Серафимов, со 35 гола на петте меча, беше прв стрелец на традиционалниот турнир во Бугојно

Кадетската машка репрезентација на Македонија го освои четвртото место на меѓународниот турнир „Ракометот е мојата иднина“, кој седми пат се одигра во Бугојно, Босна и Херцеговина, а беше во организација на Катарската ракометна федерација.

Победник на годинешниот турнир е селекцијата на Словенија, која во финалниот меч славеше убедлива победа над Полска со 35-23. За Словенците ова е четврти триумф во седумте изданија на турнирот.

Македонските ракометни надежи од генерацијата 2000/2001 во малото финале на турнирот загубија од селекцијата на Германија со 23-24 (11-11). Слично како во полуфиналниот меч со Словенија, македонските кадети немаа концентрација и спортска среќа во моментите кога им беше најпотребно. Иако во неколку наврати во второто полувреме имаа предност од четири гола, избраниците на Данило Брестовац имаа пад во играта и во завршните минути од натпреварот не успеаја да ги реализираат клучните шутеви за победа.

Капитенот на македонската кадетска репрезентација, десниот бек Мартин Серафимов го заврши турнирот како најдобар стрелец со 35 постигнати гола (седум гола по меч). Словенечкиот голман Лука Ведас беше избран за најдобар чувар на мрежата на турнирот, а неговиот репрезентативен колега, десниот бек Тадеј Кљун го доби признанието најкорисен играч на турнирот (МВП).

Кадетската репрезентација на Македонија се подготвува за настап на Светското првенство (СП) летово во Скопје. Од селекциите што играа на турнирот во Бугојно, на Мундијалот во Македонија ќе играат Германија, Србија и Словенија. Другите учесници на СП 2019 од Европа се Хрватска, Данска, Франција, Унгарија, Исланд, Норвешка, Шпанија и Шведска. Титулата ќе ја брани Франција. 


ПЛАСМАН
1. Словенија
2. Полска
3. Германија
4. Македонија
5. Србија
6. БиХ
7. Швајцарија
8. Катар

Момент од мечот за бронза