Македонија успешно чекори, совладани Јапонија и Бахреин

120

Она што радува е фактот што Македонија по изминатите две кола добро се справува со позицијата среден бек, откако го нема Филип Миркуловски, а Немања Прибак не беше на списокот на селекторот Гонзалес. Нивното место засега успешно го покриваат младите Филип Талески, Филип Кузмановски, но и искусниот Филип Лазаров, додека одбраната треба да биде на многу повисоко ниво

Македонската машка ракометна репрезентација ја забележа и втората победа на 26-то Светско првенство (СП) што се игра во Германија и во Данска, откако вчера во рамките на 2-то коло во Минхен, беше совладана и селекцијата на Бахреин предводена од исландскиот стратег Арон Кристијансон со 28-23.
Со тоа избраниците на селекторот Раул Гонзалес засега газат според предвидениот план „чекор по чекор“ и со освоените четири бода ќе ги очекуваат следните вистински предизвици со селекциите на Хрватска, Исланд и Шпанија, од што ќе зависи и пласманот во втората фаза на ова СП.
Против селекцијата што е азиски вицешампион четири пати во последните пет години, Македонија потешко од очекуваното го доби првиот дел со предност од четири гола (12-8), пред сѐ поради фуриозната игра во последните минути од овој дел, иако Бахреин имаше и водство од 7-5, постигнувајќи пет гола во низа.

Во вториот дел работите, сепак, си дојдоа на вистинското место уште во самиот почеток и на крајот црвено-жолтите дојдоа до посакуваните бодови, иако противничкиот состав го искористи тоа и го ублажи поразот, намалувајќи ја разликата до конечните 28-23. Шанса во финишот на средбата добија и голманот Никола Митревски, Крстевски, Марио Танкоски и Мартин Серафимов. Најефикасен во редовите на Македонија беа капитенот Кирил Лазаров со осум гола од 10 удари, додека Дејан Манасков и Филип Кузмановски реализираа по четири, но погодоци (по еден) постигнаа и младите Серафимов и Филип Чурловски што може само да радува.

Македонија во рамките на третото коло денеска (18 часот) ќе се сретне со Хрватска..
Со оваа втора победа македонско-шпанската тренерска комбинација вторпат беше добитна во дуелот против исландската ракометна филозофија, бидејќи во првиот меч на Мундијалот целосно беше надиграна селекцијата на Јапонија со 38-29, која од клупата ја водеше исландскиот стратег Дагур Сигурдсон. Предводници на македонскиот напад во тој меч беа капитенот Кирил Лазаров со осум и левото крило Дејан Манасков со седум погодоци, додека, пак, нерешлива енигма за „самураите“ беше голманот Борко Ристовски, кој имаше дури 20 успешни интервенции, додека за играч на средбата беше прогласен пикерот Стојанче Стоилов.

Македонија очигледно не може против традицијата на СП, па така и на ова СП во 1-то коло, како и на сите досегашни, се сретна со неевропска селекција, при тоа забележувајќи вкупно четири победи и еден пораз. Така, во 1999 година, кога црвено-жолтите во Египет настапија како дебитанти на едно СП во 1-то коло ја совладаа Саудиска Арабија (28-21). Во 2009 година на СП во Хрватска, Македонија го доживеа и единствениот пораз (24-25) во воведното коло и тоа од Тунис. На СП во 2013 во Шпанија, во почетното коло беше совладан Чиле (30-28), а две години подоцна на СП во Катар, Македонија, вторпат се сретна со Тунис во 1-то коло, но овој пат го декласираа (33-25).

На последното СП во Франција, пак, црвено-жолтите повторно за прв ривал го имаа Тунис, кој беше надигран (34-30).

Што се однесува, пак, до вторите дуели во сите досегашните настапи, Македонија освен поразот од Германија (25-36) на СП во 1999 година, во низа забележа четири победи. Па, така, во 2009 година беше победен Алжир (32-19), во 2013 – Катар (34-30), во 2015 – Иран (33-31) и на последното СП репрезентацијата на Ангола (31-22).
Она што, сепак, радува е фактот што Македонија по изминатите две кола добро се справува со позицијата среден бек, откако го нема Филип Миркуловски, а Немања Прибак не беше на списокот на селекторот Гонзалес. Нивното место засега успешно го покриваат младите Филип Талески, Филип Кузмановски, но и искусниот Филип Лазаров. Но позицијата со еден лев бек и понатаму останува отворена, додека одбраната треба да биде уште на повисоко ниво, оти кога Јапонија успеа да постигне 29 гола, тогаш треба многу да се внимава на селекции како што се Хрватска, Исланд и Шпанија, следните противници на Македонија.


Лазаров: Бахреин беше понезгоден од Јапонија

Бахреин беше понезгодна репрезентација од Јапонија. Позадоволен сум од денешната игра отколку од дуелот со Јапонија. Дури имавме време да одмориме, што е добро во последните петнаесетина минути. Како и секогаш, имавме добри и лоши моменти, осцилации во играта, кои загрижуваат и поради кои не може да знаеме што ќе биде на дуелите што нѐ очекуваат“. Ги знам Хрватите како дишат, не ме измамуваат нивните зборови дека не се фаворити за највисок пласман. Ќе се обидеме да ги спречиме да се израдуваат – изјави капитенот Кирил Лазаров.