Македонија против Франција за пласман на СП 2021

173
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дуелите со Французите се важни за да покажеме што знаеме и умееме против еден силен ривал. Тие ќе ја имаат улогата на голем фаворит, но сигурно нема да се предадеме без борба, изјави селекторот Данило Брестовац, по ждрепката за баражот за пласман на Мундијалот в година во Египет

Македонската машка ракометна репрезентација доби еден од најтешките можни ривали во баражот за пласман на Светското првенство (СП) в година во Египет, селекцијата на Франција.

– Јасно е дека ќе биде многу тешко, но никој не може да ни го одземе правото да сонуваме. За мене најважно ќе биде да одиграме два добри натпревари, да се покажеме во добро светло на теренот и да докажеме дека сме на вистинскиот пат. Дуелите со Французите се важни за да покажеме што знаеме и умееме против еден силен ривал. Тие ќе ја имаат улогата на голем фаворит, но сигурно нема да се предадеме без борба – изјави селекторот Данило Брестовац.

Селекциите на Македонија и на Франција досега меѓу себе одиграле три официјални и еден пријателски натпревар и сите четири завршиле со победа на Французите. На големите натпреварувања, Македонија и Франција се сретнаа само еднаш, на Европското првенство (ЕП) во 2016 година во Полска кога Французите славеа со 30-23. Двете селекции претходно играа во квалификациите за ЕП 2016, во два наврата победи Франција, со 27-25 во Скопје и со 35-24 дома. Пријателскиот натпревар се играше на турнир во Нант во подготовките за СП 2015, кој заврши со победа на Французите со 30-20.

Бараж-дуелите со Македонија ќе бидат прв тест за новиот селектор на Франција, Гијом Жил, кој по пласманот на 14-то место на ЕП во Австрија, Норвешка и во Шведска годинава ја презеде селекторската позиција од Дидие Динард.

– Македонија е земја што е навикната да игра на големите натпреварувања и која ги има покажано своите квалитети. Ја знаеме нивната игра, а ги знаеме и Македонците што играле во Франција, особено нивниот капитен Кирил Лазаров. Ние ретко играме квалификации и првиот меч на гостински терен секогаш е деликатен. Меѓутоа, како и да заврши првата средба, победникот ќе биде решен по 120 минути игра – изјави Жил.
Првиот дуел треба да се игра во Скопје помеѓу 5 и 7 јуни, а реваншот во Франција е помеѓу 9 и 11 јуни. Во преостанатите бараж-дуели за пласман на СП 2021 во Египет ќе се сретнат Швајцарија – Исланд, Израел или Летонија – Португалија, Чешка – Црна Гора, Шведска – Турција или Русија, Словенија – Србија, Романија или БиХ – Унгарија, Украина – Германија, Полска или Литванија – Белорусија, Австрија – Холандија.