Македонија покажа карактер и jа заслужи победата

565
Манасков го постигна голот за победа

Ќе биде тешко да се победи Исланд двапати за пет дена, но ако сакаме да бидеме врвна репрезентација, мораме уште еднаш да им го приредиме тоа задоволство на нашите навивачи, изјави селекторот Данило Брестовац

Македонската машка ракометна репрезентација забележа многу значајна победа на гости над селекцијата на Исланд (34-33) во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2020, чија завршница ќе се одржи во Австрија, Норвешка и во Шведска. Избраниците на новиот селектор Данило Брестовац успеаја, првпат по 13 години, да го совладаат Исланд на гостински терен.
Македонските репрезентативци не подлегнаа на притисокот од домашната публика и на гостинскиот терен во Рејкјавик, одиграа мотивирано, цврсто и борбено до крајот, со што во целост ја избришаа лошата слика од поразот од Грција на почетокот од квалификациите.

– Им честитам на момците бидејќи 60 минути играа одличен ракомет против една врвна ракометна селекција. Не е точно дека Македонија не може да игра и да победува европски селекции. Ракометарите покажаа квалитет, карактер, стабилност и желба за победа. Знаеме дека ќе биде тешко да се победи Исланд двапати во пет дена, но ако сакаме да бидеме врвна репрезентација, а сме на тој пат, тогаш мораме уште еднаш да им го приредиме тоа задоволство на нашите навивачи, кои очекувам дека в недела ќе ја обојат салата со македонските национални бои и да бидат осмиот играч во походот кон уште еден триумф. Македонија се бодри и се сака и во победи и во порази – ни изјави селекторот, Данило Брестовац.

Дека Македонија целосно ја заслужи победата, потврда се и изјавите на исландскиот селектор Гудмундур Гудмундсон, кој по натпреварот имаше низа забелешки на играта на своите ракометари, пред сѐ, на голманите, кои практично немаа решение за расположените македонски репрезентативци.

Во големата победа над Исланд одлична игра со по осум гола прикажаа крилата, Гоце Георгиевски и Дејан Манасков, кој со голот во последната секунда ја завери победата над островјаните. Нерешлива енигма за исландската одбрана беа пикерот Стојанче Стоилов, како и левиот бек Филип Талески, кој со серијата од четири гола во второто полувреме ги шокираше голманите на Исланд.

Со победата над Исланд, македонските репрезентативци веќе имаат четири бода во групата 3 со кои практично имаат обезбеден пласман во завршницата на ЕП, па и ако бидат третопласирани. Меѓутоа, најдобро би било Македонија квалификациите да ги заврши на првото место за да има подобра почетна позиција за ждрепката за ЕП 2020, односно место во првиот или во вториот барабан. Со пласман на второто место во групата на Македонија ќе се најде во третиот барабан што би значело два силни ривала во групната фаза на ЕП.

Од шесте групи на ЕП само двете првопласирани селекции продолжуваат во следната нокаут-фаза.

Реванш-дуелот со селекцијата на Исланд, македонските репрезентативци ќе го играат в недела (20 часот, пренос на ТВ Телма) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Преостанатите два меча од квалификациите со Турција (на гости) и со Грција (дома) ќе се играат на 12 и 16 јуни. 


Црна Гора го шокира светскиот првак Данска

Селекцијата на Црна Гора го направи најголемото изненадување во третото квалификациско коло за пласман на ЕП 2020 година победувајќи го светскиот првак Данска со 32-31. Избраниците на селекторот Зоран Рогановиќ одиграа несекојдневно квалитетен натпревар во кој покажаа дека победници не секогаш се фаворитите и дека до победа се стигнува со тимска игра и борбен дух. Најголем придонес во победата на црногорскиот состав имаше одличниот голман Небојша Симиќ, кој со 17 одбрани (и еден седмерец) беше вистински лидер и мотиватор на своите колеги Милош Божовиќ (седум гола), Владан Липовика (пет), Стеван Вујовиќ (пет) и на другите.
Историски победи забележаа и селекциите на Косово и на Италија, кои првпат победија во квалификациски меч за пласман на ЕП. Косово славеше над Израел (27-24), а Италија беше подобра од ослабената Словачка (26-23).