Македонија доби силни противници на патот кон ЛОИ

504
Лазаров на мечот против Шпанија на ЕП 2018 Фото: Маја Јаневска-Илиева

На СП 2019, од каде што се трасира и патот кон Игрите во Токио, Македонија ќе игра со европскиот првак Шпанија, потоа Хрватска, четвртата од СП 2017, стариот познаник Исланд, вицешампионот на Азија, Бахреин и со домаќинот на ЛОИ 2020, Јапонија

Македонската машка ракометна репрезентација доби солидна група за Светското првенство (СП) в година во Данска и во Германија. Македонскиот национален тим ќе биде дел од групата Б, во Минхен, а ривали се добро познатите селекции Хрватска, Шпанија и Исланд, како и Бахреин и Јапонија.
Македонските репрезентативци ќе имаат задача да стигнат до едно од првите три места во групата, кои носат пласман во следната рунда. Од ова СП се трасира и патот кон Летните олимписки игри во 2020 година во Токио.
– Немавме многу среќа во ждрепката. Добивме квалитетни и незгодни европски репрезентации. Доколку не го прошириме нашиот состав со квалитетни играчи, кои ќе поделат квалитетна минутажа и одговорност, не можам да бидам голем оптимист. Уште повеќе ме загрижуваат слабите игри на медитеранците и поразите од Турција и од Египет, бидејќи во таа селекција имаме седум репрезентативци од А-селекцијата. Ќе пробаме да се подготвиме квалитетно и да го дадеме нашиот максимум – изјави капитенот Кирил Лазаров.
Македонија со Хрватска се сретна на ЕП 2016, Исланд е наш речиси редовен противник во разни квалификации, а доста често за противник сме ја имале и Шпанија (и на ЕП 2018). Од фактите на хартија, Македонија не би требало да има проблем со Јапонија и со Бахреин (трипати по ред вицешампион на Азија), но исто така тоа се селекции што во ниту еден момент не смеат да се потценат.
Од групите во Берлин и во Минхен, најдобрите шест селекции ќе се судрат во Келн, па можни противници на Македонија во втората фаза се Франција, Германија, Русија, Србија, Бразил и Ј. Кореја.