Македонија во елитната група постојани учесници на ЕП и на СП

568
Фото: Игор Бансколиев

Од 2012 година на сите девет големи натпреварувања, европски и светски првенства, играа само Македонија, Хрватска, Данска, Франција, Исланд и Шпанија

Со победите во двата последни меча во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, прво над Турција (26-25) и во неделата над Грција (27-23), македонската машка ракометна репрезентација ја обезбеди шестата, петта по ред, виза за учество на континентално првенство, кое треба да се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Ова ќе биде прво ЕП што ќе се игра во три земји и прво ЕП на кое ќе учествуваат 24 селекции. Претходно на девет првенства играа по 16 селекции, а на воведните четири натпреварувања учествуваа по 12 репрезентации.

Четири победи, едно реми и еден пораз е билансот што го оствари македонскиот национален тим во третата квалификациска група, во која, како и на минатите квалификации, го освои првото место, кое му носи место во еден од првите два барабана во пресрет на ждрепката на групите за ЕП, која треба да се влече на 28 јуни во Виена. Со оглед на ситуацијата во која го презеде националниот тим (победа над Турција и пораз од Грција), селекторот Данило Брестовац има полно право да биде задоволен од борбеноста, пристапот и од ефектот на неговите избраници.
По 96-те меча од квалификациите, покрај Македонија, уште 19 селекции обезбедија пласман на ЕП, а директно учество има за бранителот на титулата Шпанија и за домаќините Австрија, Норвешка и Шведска. Од регионот, пласман обезбедија и Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и дебитантот Бoсна и Херцеговина, а првпат на ЕП ќе играат и Холандија и Летонија. За Македонија ова ќе биде шесто ЕП во историјата, по настапите во 1998 година (12-то место), 2012 (5), 2014 (10), 2016 (11) и во 2018 година (11).

Франција, Шпанија и Хрватска се единствените три селекции за кои ова ќе биде 14-ти настап на ЕП (единствени што се дел од сите досегашни првенства), а за Данска, Русија, Германија и за Шведска ова ќе биде 13-то континентално првенство.
Одличната игра во квалификациите и петтиот во низа заверен пласман на ЕП ја сместија Македонија меѓу најдобрите десет европски селекции што биле дел од петте ЕП од 2012 година и во група само со пет селекции што од 2012 година играле на сите големи натпреварувања (ЕП и СП). Со пет учества на ЕП во низа (од 2012 до 2020-та) можат да се пофалат Македонија, Хрватска, Данска, Франција, Унгарија, Исланд, Норвешка, Србија, Шпанија и Шведска. Континуитетот од учества на големите натпреварувања ја смести Македонија меѓу шест селекции што настапиле на ЕП и на СП во периодот од 2012 до 2020 година, а тоа се уште и Хрватска, Данска, Франција, Исланд и Шпанија.


Брестовац: Сега се вртиме кон анализи, градење стратегија и поставување цели

Среќни сме што се извлековме од една тешка ситуација во која бевме пред натпреварите со Исланд. Имавме вистинска среќа и одлична завршница на квалификациите со прва позиција во групата која реално и ја заслужува оваа селекција. Почит за капитенот, за постарите играчи, но и за младите, кои дадоа еден нов лик и карактер на репрезентацијата. Сега се вртиме кон ЕП, во очекување на противниците од нашата група, за кои ќе треба да правиме анализи, да градиме стратегија и да ги поставиме нашите цели, кон кои ќе се стремиме во подготовките во декември и на првенството во јануари идната година, изјави селекторот Данило Брестовац.


Македонија ќе игра во Австрија или во Шведска

Македонската машка ракометна репрезентација е во вториот барабан пред ждрепката за групите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година и сигурно нема да биде дел од групите Ц и Д, кои ќе се играат во Трондхајм, каде што носител е Норвешка.
Според полудиригираната ждрепка, Германија ќе биде дел од групата Ц, Норвешка од Д, а бидејќи двете се во вториот барабан заедно со Македонија, евидентно е дека црвено-жолтите ќе играат или во Австрија (Грац, носител Хрватска или во Виена, носител Австрија) или во Шведска (Малме, носител Данска или во Гетеборг, носител Шведска).

БАРАБАНИ

1: Шпанија, Шведска, Франција, Данска, Хрватска, Чешка

2: Македонија, Норвешка, Словенија, Германија, Унгарија, Белорусија

3: Австрија, Исланд, Ц. Гора, Португалија, Швајцарија, Летонија

4: Полска, Русија, Србија, Украина, БиХ, Холандија