Лазаров, Ристовски и Кузмановски ќе играат во групната фаза

123

Ракометарите на Металург не се пласираа во групната фаза на Купот на ЕХФ откако во реванш-дуелот од 3-то коло со словенечкиот вицепрвак Горење одиграа нерешено 23-23. Во првата средба Горење победи со 24-19.

Европската сезона ја продолжија капитенот Кирил Лазаров и неговиот тим Нант, кој на гостувањето кај Арендал одигра нерешено (30-30), но поради предноста од еден гол во првиот меч обезбеди пласман во фазата по групи. Поради повеќе постигнати голови на гости во дуелот со Нексе во групната фаза ќе игра и голманот Борко Ристовски со неговата Бенфика (во реваншот победи со 28-24), а европска пролет ќе има и германскиот Магдебург, чиј член е репрезентативниот бек Филип Кузмановски. Магдебург славеше убедливи победи и во двата меча над Горник, победувајќи со вкупен резултат 74-51.

Меѓу 16-те екипи во групната фаза има четири германски (Левен, Магдебург, Мелсунген и Фуксе Берлин), по три француски (Нант, Ним и Екс Прованс) и шпански (Адемар Леон, Ла Риоха и Куенка), две дански (Силкеборг и Хостелбро) и по една од Унгарија (Татабања), Словенија (Горење), Португалија (Бенфика) и од Полска (Ополе).