Лазаров рекордер и по постигнати голови на фајналфор-турнирите

524

Капитенот на македонската ракометна репрезентација и најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров, е херојот на Нант и еден од најзаслужните за пласманот на дебитантот и прв аутсајдер, во годинашното финале на завршниот турнирот во Келн. Нант е третиот дебитант што стигнал во меч за титула, по Фленсбург (2014) и Вардар (2017).

Покрај тоа што со осум гола беше прв стрелец на Нант во полуфиналниот дуел со ПСЖ, леворакиот бомбардер стигна и до нов рекорд на завршните турнири во ЛШ. Со 57 постигнати гола, Лазаров стана најефикасниот стрелец на фајналфор-турнирите во ЛШ и остана најскромниот, кога се во прашање личните рекорди. Досегашниот рекорд со 56 гола беше во сопственост на Чехот Филип Јиха (кој сезонава се пензионира) и Србинот Момир Илиќ од унгарски Веспрем.

– На вакви турнири победите се најважни, а не личните рекорди. Против ПСЖ го одигравме најдобриот натпревар сезонава. Ова игра и победа се феноменални. Верувавме во победата иако игравме против реално подобар тим од нас. Дури 80 отсто од моите соиграчи со солзи во очите ја дочекаа оваа победа, затоа што за нив ова е прво учество на фајналфор. Имав напорна сезона зад себе, играв и повреден, но собрав сили, за еден олку значаен натпревар. Пресреќен сум што една таква сезона се крунисува на овој начин – изјави Лазаров по големата победа над ПСЖ во полуфиналето на завршниот турнир во Келн
Покрај тоа што стана најдобар стрелец на завршните турнири во ЛШ Лазаров е првиот ракометар што со четири различни клубови играл во завршницата на ЛШ. Годинашното учество во Келн е шесто за македонскиот ракометар.