Лазаров: Осцилираме во играта, против Хрватска ќе се бориме

154

Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Кире Лазаров по победата над Бахреин попладнево со 28-23 изрази задоволство од победата но додаде дека тимот повторно имал осцилации во играта, што не се знае како ќе се одрази во следните натпревари на повисоко ниво – против Хрватска, Исланд и Шпанија.

– Бахреин беше понезгоден противник од Јапонија. Сепак успеавме во последните 15 минути ние поискусните да одмориме за натпреварот со Хрватска. Задоволен сум, но како и секогаш осцилираме – имавме добри и лоши моменти и можеби требаше порано да го решиме натпреварот во наша корист. Започнавме добро како со Јапонија, но дозволивме пад во играта. Тоа се работите кои загрижуваат и не знаеме што можеме да очекуваме на натпреварите кои ќе бидат на повисоко ниво. Позитивното од овој натпревар е што не одигравме повеќе од 35-40 минути – изјави Лазаров веднаш по мечот во микс-зоната.

Во однос на мечот со Хрватска и дали ќе бидат доволни 24 часа за да излеземе подготвени за дуелот, Лазаров изјави дека во спортот се можни изненадувања, но фаворитската улога им ја препиша на „коцкастите“.

– Одговорите на овие прашања ги немавме и против Јапонија и Бахреин, но докажавме дека сме класа над нив и дека можеме со искуство и рутина да ги добиеме и да ги доведеме при крај натпреварите. Утре е голем испит за нас, но не треба да имаме притисок, ја препуштаме фаворитската улога на Хрватска. Ќе се бориме, во спортот се можни изненадувања, ќе се подготвиме добро – изјави капитенот на Македонија.

Мечот против Хрватска започнува во 18 часот.