Кирил Лазаров засега е МВП на Мундијалот

202

Капитенот на македонската репрезентација е прв на листата на која се собираат головите и асистенциите, со вкупно 37 поени, седум повеќе од најблискиот конкурент

Десниот бек и капитен на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, по три кола е водечки во комбинација на голови и асистенции, со што е МВП (најкорисен играч) на ракометното Светско првенство (СП), со вкупно 37 поени. Тој досега постигна 20 гола и забележа 17 асистенции. На оваа листа на второто место е Чилеанецот Родриго Салинас со 30 поени (16 гола и 14 асистенции).

Леворакиот бомбардер Лазаров, кој наедно е и рекордер според бројот на постигнати голови на едно СП (92 на СП во Хрватска пред десет години), засега 20 пати ја затресе противничката мрежа од 30 обида (67 отсто), од кои шест погодоци (од седум обида) се од удар од седум метри. На листата на стрелците Лазаров го дели третото место заедно со Норвежанецот Магнус Јондал и со Шпанецот Феран Соле. Води Германецот Уве Генсхајмер со 25 гола од 31 шут (81 отсто), пред Русинот Тимур Дибиров со 23 од 27 удара (85 отсто).

Кај асистенциите најдобриот македонски ракометар засега е прв на листата на ова СП со 17, а го следат Хрватот Домагој Дувњак со 15 и Чилеанецот Салинас со 14 асистенции.

Според вкупниот број одбрани, пак, на врвот е македонскиот голман Борко Ристовски со 34 одбрани од 92 удари (37 отсто), додека според процентуалниот количник, прв е Данецот Никлас Ландин со 29 одбрани од 57 удари (51 отсто).