Кил за три дена доби шанса за реванш против Порто

114

Со денешниот дуел помеѓу португалскиот првак Порто и германскиот вицепрвак Кил ќе почне вториот дел од групната фаза со дуелите од осмото коло во групите А и Б во Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет. Во неделата токму Порто го расипа перфектниот скор на Германците и им го нанесе првиот пораз сезонава, со победата со 28-27 на гостински терен.

За место во баражот за осминафинале победата е единствена опција за португалскиот вицепрвак Спортинг, кој денеска (18 ч.) ќе му гостува на словачкиот шампион Татран. Шведскиот првак Кристијанстад вечерва (19 ч.) ќе го пречека лидерот на табелата во групата Д, романскиот првак Динамо, кој доколку победи на гости, ќе си обезбеди место за баражот за пласман во осминафиналето.

Во регионалната лига, пак, во групата А, денеска (20.15 ч., пренос на МТВ) ќе се игра меч за освојување на првата позиција на табелата. Бранителот на титулата, Вардар, ќе го пречека украинскиот првак Мотор. И двете екипи имаат по еден пораз во досегашниот тек од сезоната, по седум кола. Вардарци загубија токму од Мотор во 2. коло (32-31), а Украинците беа поразени на гостувањето кај српскиот првак Војводина (25-22).