Кастратовиќ: Фокусирано и дисциплинирано до поволен резултат

72

Металург вечерва во првиот меч од 3. коло на Купот на ЕХФ гостува кај Горење, тим во кој словенечкиот репрезентативец Миклавчиќ (36) е најискусен и кој во претходното коло ја елиминира Металопластика

Словенечкиот ракометен вицепрвак Горење од Велење ќе биде денешниот противник (од 20 ч.) на Металург во двомечот од 3. коло од Купот на ЕХФ, во кој избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ ќе се обидат да одиграат на високо ниво и да остварат позитивен резултат во пресрет на реваншот во Скопје.
Тимот на Горење, предводен од поранешниот словенечки репрезентативец Зоран Јовичиќ, на патот до 3. коло од Купот на ЕХФ ја елиминира Металопластика од Шабац, со вкупен резултат 64-53. И во двата дуела со српскиот вицепрвак главно оружје на Словенците беа брзата контра и транзиција, преку која двете крила Матич Верденек (17 гола) и Владо Матановиќ (18 погодока) реализираа повеќе од половина од вкупниот број голови. Главен столб во одбраната на Горење беше голманот Емир Телетовиќ, кој на двата меча имаше 42 одбрани.

– Само со дисциплинирана игра, без многу грешки во нападот и брзо враќање по постигнат гол, можеме да ја неутрализираме нивната брза транзиција и да спречиме примање лесни голови. Ако одиграме според планот за кој се подготвуваме, фокусирано и дисциплинирано, верувам дека имаме шанси да забележиме поволен резултат – вели Кастратовиќ.
Словенечкиот репрезентативец, десниот бек Давид Миклавчиќ (36) е најискусен ракометар во тимот на Горење, чија просечна возраст е 23,3 години. Кај Металург најискусен е десното крило Равез Чантурија (37), а просечната возраст на тимот на Кастратовиќ е 24,3 години.

За тимот на Горење ова е 25-та сезона во европските натпреварувања. Од нив, 11 сезони играле во Купот на ЕХФ каде што најдобриот пласман го имаат од пред 10 години, кога во финалето загубиле од Гумерсбах. Седум сезони беа дел од најелитното натпреварување Лигата на шампионите (ЛШ), во која трипати стигнаа до осминафиналето (2010, 2013 и 2014 година), а седум сезони играа во Купот на победници на куповите (КПК), каде што најдобар пласман им бил пласман во полуфинале (2004 година).

За Металург, пак, ова е 19-та сезона во европските натпреварувања, од кои 10 во ЛШ, каде што Металург двапати играше во четврт-финалето, во сезоните 2012/2013 и 2013/2014, и еднаш во осминафиналето, во сезоната 2011/2012, потоа пет пати во Купот на ЕХФ, со настап во четврт-финалето во сезоната 2007/2008, три во КПК, со пласман во четврт-финалето една сезона потоа, и по еднаш во купот Челинџ и Сити-купот.
Во словенечкото првенство, Горење сезонава одигра 10 натпревари, во кои забележа шест победи и четири порази и со 12 бода ја има четвртата позиција на табелата. Металург по 10 кола во домашното првенство го има првото место на табелата, со 26 бода од осумте победи и двете ремија.