Кастратовиќ: Радува позитивната работна атмосфера во тимот

225
Ракометарите на Металург веќе пет дена се во Маврово каде што ја одработуваат третата фаза од подготовките за новата натпреварувачка сезона

Во изминатите неколку дена главниот акцент сѐ уште ни беше на физичката подготовка, но полека почнуваме да фаќаме ритам и со уигрување на напаѓачко-одбранбените формации, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ

Презадоволен сум од ангажманот, посветеноста и енергијата што ја вложуваат ракометарите на секој од тренинзите, без разлика дали станува збор за кондициски или техничко-тактички тренинг, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, по пет дена поминати на подготовките во Маврово.

Ракометарите на Металург веќе пет дена се во Маврово, каде што ја одработуваат третата фаза од подготовките за новата натпреварувачка сезона, која за металурзите ќе почне на крајот на август, со меч од првото квалификациско коло за пласман во групната фаза во новоформираното натпреварување Лига на Европа.
Тренерот Кастратовиќ е задоволен од ангажманот, посветеноста и професионалноста на играчите, на секој тренинг и надвор од него.

– Професионалноста и дисциплината со која работат интернационалците во тимот се одличен пример и движечка сила за домашните играчи, кои во чекор ги следат. Сите се свесни дека во ракометот, но и во секој друг спорт, секој треба да се избори за својот статус и место во тимот, оти само со здрава конкуренција се гради силен тим. И во изминатите неколку дена главниот акцент сѐ уште ни беше на физичката подготовка, но полека почнуваме да фаќаме ритам и со уигрување на напаѓачко-одбранбените формации. Особено ме радува позитивната работна атмосфера во тимот и фактот што сите ракометари се во одлично физичко здравје – истакна Кастратовиќ, кој додаде дека за сабота договорена е и првата тест-средба со битолскиот состав Еурофарм Пелистер, кој исто така се подготвува во Маврово.

Металурзите ќе останат во Маврово до 11 август, а потоа ќе се преселат во Струга, каде што заедно со Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид, Бутел, Прилеп, Струга и Еурофарм Пелистер 2 ќе бидат дел од 48-от традиционален ракометен турнир „Струга 2020“ на отвореното игралиште „Женска плажа“. Почетокот на сезоната во домашното првенство е закажан за 12/13 септември, а противник на Металург во 1-то коло ќе му биде екипата на Еурофарм Пелистер 2.