Кастратовиќ: Можеме да стигнеме до групите од Купот на ЕХФ

155
Момент од мечот Горење - Металург

Ни недостигаше цврстина во дуелите, имавме промашени зицери, три нереализирани пенали и затоа не гледам зошто работите не би се свртеле во наша полза, вели тренерот на Металург пред реваншот в недела во Скопје со Горење, кој победи на првиот меч со 24-19

Ракометарите на Металург со негатива од пет гола, 24-19 (10-11) се враќаат од гостувањето кај Горење од Велење по првиот елиминациски натпревари од 3-то коло од Купот на ЕХФ. Избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ одиграа одлично во првото полувреме во кое успеваа да диктираат темпо на игра и да имаат контрола врз резултатот, но работите се сменија во продолжението од мечот кога попуштија одбраната и концентрацијата во нападот на металурзите.

– Конечниот резултат не е реален, бидејќи не бевме надиграни. Одигравме одлично во првото полувреме, во кое целосно ги неутрализиравме нивните главни оружја, но играчите не го издржаа темпото во продолжението од мечот, кога имавме и избрзани шутеви и промашени пенали, а, исто така, и недоволно брзо се враќавме во одбраната за да ја запреме нивната контра и транзиција – вели Кастратовиќ.
И покрај негативата од пет гола, Кастратовиќ е оптимист и верува дека неговиот тим може да ја анулира таа негатива во реваншот и да обезбеди место во групната фаза од Купот на ЕХФ.

– Ни недостигаше цврстина во дуелите, имавме промашени зицери, три нереализирани пенали и затоа не гледам зошто работите не би се свртеле во наша полза. Деновите до реванш-мечот ќе ги искористиме за отстранување на недостатоците во играта и верувам дека со максимално залагање можеме да стигнеме до она што го посакуваме, место во групите од Купот на ЕХФ – вели стратегот на Металург.

Марио Танкоски со четири гола беше најефикасен во составот на Металург, по три реализации запишаа Равез Чантурија, Мартин Серафимов, Маријан Мариќ и Милан Поповиќ, а 11 интервенции на голот на Металург имаше Даниел Дупјачанец. Во словенечкиот состав најефикасен со седум постигнати гола беше организаторот на играта Алекса Кавчиќ, а 11 гола додадоа крилата Матич Вердинек (шест) и Владо Матановиќ (пет).

Реванш-натпреварот од 3-то коло од Купот на ЕХФ металурзите треба да го играат в недела, од 18 часот во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Та.Д.