Кастратовиќ: Искуството и квалитетот се на наша страна

60
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Металург вечерва гостува кај швајцарски Луцерн, во решавачкиот меч за пласман во групната фаза на новоформираното натпреварување, Лигата на Европа. По првата средба, Металург има предност од 26-24

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Верувам дека со цврста и со борбена игра во одбраната, како што имавме во поголем дел од мечот во Скопје, и со поголема храброст и ефикасност на бековската линија, можеме одново да забележиме позитивен резултат и да ја оствариме првата поставена цел за сезонава, пласман во групната фаза од ракометната Лига на Европа, изјави тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, во пресрет на реванш-дуелот на гости кај швајцарскиот Кринс Луцерн, вечерва (18.45 часот) во Цирих.
Тоа е натпревар од второто квалификациско коло за пласман во групната фаза на новоформираното натпреварување на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Лигата на Европа, во кој Металург ќе влезе со предност од два гола, по победата во првиот меч во Скопје, со 26-24. Избраниците на Зоран Кастратовиќ спроти себе ќе го имаат Луцерн, кој амбициозно ја почна сезоната во швајцарскиот шампионат и по пет одиграни кола се наметна како лидер, пред 11-кратниот и актуелен шампион Кадетен Шафкаузен, против кој пред три дена победи со 32-24.

– Искуството и квалитетот се на наша страна. Изминативе неколку дена интензивно работевме на корекција на грешките од првиот натпревар и сметам дека со една тимска и цврста игра повторно ќе излеземе како победници и од ова средба. Пласман во групната фаза на Лигата на Европа е заедничка желба на сите и верувам дека водени од таа желба ќе одиграме добар и квалитетен меч и во продолжението од сезоната ќе бидеме дел од новоформираната Лига на Европа – рече Кастратовиќ.
Луцерн досега двапати играл во квалификациите на Купот на ЕХФ (сезоните 2014/2015 и 2017/2018) и во двата наврати бил елиминиран во второто квалификациско коло, а најдобар резултат на тој клуб на европската сцена е пласман во четврт-финалето на купот Челинџ во сезоната 2011/2012.

Металург, пак, зад себе има десетгодишно искуство од играње во Лигата на шампионите, пет сезони во Купот на ЕХФ, три во Купот на победници на куповите и по една во Челинџ-купот и во Купот на градови.