Карабатиќ: Треба да се воведат и вистински еколошки стандарди

69

Сите правила, регулативи и друго, вклучувајќи и во спорот, треба да ја земат предвид димензијата на животната средина, рече бекот на ПСЖ, Карабатиќ, за француски „Л`екип“

ЗА СВЕТОТ НА СПОРТОТ ПО ПАНДЕМИЈАТА

Ѕвездата на францускиот ракометен првак ПСЖ, Никола Карабатиќ, кој ги направи првите семејни прошетки покрај езерото во Булоњската Шума во Париз по двомесечната изолација поради пандемијата на коронавирусот, во интервју за францускиот спортски дневен весник „Л’екип“ говори за значењето и за важноста од грижата за природата.
– Очигледно, заинтересиран сум – вели Карабатиќ на прашањето на „Л`екип“ за еколошките предизвици со кои ќе се соочи светот на спортот по пандемијата на коронавирусот. – Сите правила, регулативи и друго, вклучувајќи и во спортот, треба да ја земат предвид димензијата на животната средина и на социјално ниво. Треба да се воведат стандарди, не само финансиски ферплеј туку и вистински еколошки стандарди – рече Карабатиќ, пренесува „Л`екип“.
Тој смета дека има неколку начини да се намали емисијата на јаглерод диоксидот со спортската професионална активност.

– На пример, за да се намали количеството на јаглерод диоксид, може да се воведе правило што ќе ги обврзува клубовите да патуваат со воз на територијата на земјата – вели Карабатиќ, притоа не намалувајќи ја потребата од воздушен сообраќај, кој често го користи за патувањата за мечевите во европските купови и за натпреварите на репрезентацијата. – Треба да се направат пресметки за да се види што најмалку влијае, еден вид еколошки тендер – вели тој.
Карабатиќ го спомена и постојаното зголемување на бројот на натпревари.

– Со нашите патувања и патувањата на гледачите, нужно се зголемува и количеството на јаглерод диоксид во воздухот и мислам дека тоа не носи многу повеќе пари. Можеме да функционираме поинаку, да го намалиме бројот на натпревари. Во лигата во американски фудбал, НФЛ, најмоќната лига на светот, имаат само 16 натпревари во регуларната сезона и четири средби во плејофот.

Може многу да се направи – вели за „Л`екип“ Карабатиќ, кој на друго поле, на претседателот на ПСЖ, Бруно Мартини, му предложил замена на пластичните шишиња за вода со шишиња за повеќе употреби, како што тој самиот направил, за намалување на отпадот, а тоа треба да се случи од идната сезона.
Тој смета дека спортистите треба да даваат пример.

– Луѓето многу се идентификуваат со спортистите, кои може да бидат движечка сила во промената на нашите потрошувачки навики – вели двојниот олимписки шампион и четирикратен светски првак.