Кадетското СП – нов импулс за македонскиот ракомет

298

Организацијата на СП за играчи до 19 години е од голема важност за афирмацијата и за развојот на ракометот во младите категории. РФМ веќе неколку години едноподруго ја добива довербата од ИХФ и од ЕХФ за организација на младинските првенства, а в година ќе бидеме домаќини и на сениорското женско ЕП и на ЕП за кадетки. Сево ова придонесува за зголемување на базата на млади играчи во натпреварувачкиот систем на РФМ, а со самото тоа македонскиот ракомет со младите категории да излегува на европската и на светската сцена, рече Филип Милошевски, генералниот секретар на РФМ

Од денеска, па во следните 13 дена Македонија ќе биде во центарот на вниманието на светската ракометна јавност, откако во спортските центри „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“ во Скопје ќе се играат мечевите на 24-те репрезентации на Светското првенство (СП) за играчи до 19 години. Со денешниот меч против Аргентина (20.30 ч.), македонската машка репрезентација во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе го почне својот настап на СП 2019.

Домаќинството на толку значаен спортски настан е уште една потврда за организациските квалитети на Македонија и шанса за нова спортска афирмација. Овој Мундијал одново ја става Македонија на светската ракометна мапа, со домаќинството на најдобрите млади светски ракометари, на планетарното првенство во категорија што одамна ги дава назнаките за идните светски ѕвезди, како и со силната репрезентација и во оваа генерација. Мундијалот е и одличен момент за нова популаризација на спортот број еден во Македонија, мотив за уште поголема работа во клубовите, за создавање уште поголема база, од која ќе се црпат идните репрезентативци во сите возрасни категории и ќе се одржува континуитетот конкурентни настапи на европската и на светската сцена.

– Организацијата на Светското првенство за ракометари до 19 години е од голема важност за афирмацијата и за развојот на ракометот во младите категории. Ракометната федерација на Македонија веќе неколку години едноподруго ја добива довербата од ИХФ и од ЕХФ за организација на младинските првенства, а следната година ќе бидеме домаќини и на сениорското женско Европско првенство и на женското кадетско ЕП за ракометарки до 18 години. Сево ова придонесува за зголемување на базата на млади играчи во натпреварувачкиот систем на РФМ, а со самото тоа македонскиот ракомет од младите категории да излегува на европската и на светската сцена – рече Филип Милошевски, генералниот секретар на РФМ.

Од година на година Ракометната федерација на Македонија (РФМ) бележи раст кај Светската (ИХФ) и кај Европската ракометна федерација (ЕХФ) како одличен организатор на големи натпреварувања. За РФМ ова ќе биде петта организација на СП во млади категории. Во 2014 година Македонија беше домаќин на женскиот кадетски Мундијал, а претходно и на младински првенства во 2003 и во 2008 година за јуниорки и во 2007 за јуниори. Во 2008 година Македонија беше домаќин и на сениорското ЕП за жени.

Македонските кадети на СП ќе бидат дел од групата Ц, каде што покрај Аргентина противници ќе им бидат и врсниците од Данска, Бахреин, Јапонија и од Нигерија. Примарна цел на македонските кадети ќе биде пласман во осминафиналето на Мундијалот, односно освојување на едно од првите четири места во групата Ц. За македонската машка кадетска ракометна репрезентација ова ќе биде прв настап на едно СП. Во младинските категории најдобар пласман е шестото место на репрезентацијата за играчи до 21 година, на Мундијалот во 2017 година во Алжир.
На церемонијата на отворањето на СП 2019, присутни ќе бидат членот на Извршниот одбор на ИХФ, Франтишек Таборски, и претседателот на натпреварувачката комисија на ИХФ, Пер Бертелсен.

 

Влезот во арените е бесплатен на сите натпревари на ова Светско првенство.


Серафимов: Подготвени сме да го дадеме најдоброто од себе

Во пресрет на првиот мундијалски натпревар владее голем оптимизам и желба за победи во македонскиот репрезентативен табор.
– Желбата за победи и за висок пласман ни беа водилка и мотив за работа во текот на целиот подготвителен период. Во овој шампионат влегуваме со големи амбиции и верба во себе. Ќе одиме чекор по чекор и верувам дека доколку секој од нас го даде својот максимум, нашите амбиции ќе станат реалност – изјави чуварот на македонскиот гол Марко Кизиќ.

Беспоштедна борба против сите противници ветува и капитенот на кадетскиот национален тим Мартин Серафимов.
– Според тоа како и со колкава мотивација и посветеност ги одработивме подготовките, сметам дека сме максимално подготвени за сите предизвици. Верувам во моите соиграчи и гарантирам беспоштедна борба од секого против сите противници. Подготвени сме да го дадеме најдоброто од себе за да прикажеме добра игра и да забележиме победа. Домашниот терен ни дава дополнителна обврска и мотив за максимална и борбена игра против секого уште од првата минута. Селекторот многу добро нѐ познава и верувам дека од секој од нас ќе го извлече максимумот. Наша прва цел е пласман во осминафиналето, а понатаму сѐ е можно. Очекуваме што поголема поддршка од трибините и би сакале да покажеме дека во оваа наша генерација има квалитет – изјави Серафимов.


Брестовац: Ќе одиме чекор по чекор со желба за што подобар пласман

Селекторот Данило Брестовац со селекцијата одработи 30-дневни обемни подготовки во кои во три етапи се третираа физичката, техничко-тактичката и психолошката подготовка на ракометарите, а одиграа и еден контролен натпревар со селекцијата на Чиле, кој го добија со 32-26.

– Секој член од селекцијата со нетрпение ги очекува првиот меч и почетокот на Светското првенство. По обемните подготовки секој од играчите е желен и подготвен да придонесе со својот индивидуален квалитет. По контролниот натпревар со Чиле ги направивме завршните корекции на играта и сега нѐ интересираат само мечот со Аргентина и првата победа. Ќе одиме чекор по чекор со надеж и со желба за што подобар пласман – изјави Брестовац.