Кадетите в среда тргнуваат кон мундијалските височини

150
Серафимов во акција

Подготовките за настап на СП во август во Скопје ќе се одвиваат во три фази, во Струга, Маврово и во Скопје, во пресрет на мечевите во групата Ц, со Аргентина, Нигерија, Бахреин, Данска и со Јапонија. Пласман во осминафиналето ќе обезбедат по четири селекции од секоја од четирите групи

Селекторот на машката кадетска репрезентација, Данило Брестовац, го објави списокот со 23 играчи на кои ќе смета за подготовките за настап на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години, од 5 до 18 август во Скопје. На списокот на Брестовац се најдоа осум ракометари од Металург, пет од Вардар, тројца од КЛ-7, по двајца од Бутел и од Охрид и по еден од Струга, Еурофарм и од Јуниор-Кисела Вода.
– Почетокот на подготовките за настап на СП ќе биде в среда, а подготвителната фаза ќе биде поделена на три етапи. Во првата, од 10 до 17 јули ќе тренираме во Струга, во втората, од 20 до 30 јули наша тренинг-база ќе биде Маврово, а остатокот од времето до почетокот на првенството ќе тренираме во Скопје. За време на подготовките на располагање ќе имам 23 ракометари, кои преку работата на тренинзите ќе треба да се докажат и да се изборат за место меѓу 16-те што ќе играат на првенството – рече Брестовац.

Македонските кадети на СП ќе бидат дел од групата Ц, каде што противници ќе им бидат врсниците од Данска, Бахреин, Јапонија, Аргентина и од Нигерија. Пласман во осминафиналето обезбедуваат четирите најдобропласирани селекции од секоја од четирите групи.

– Во рамките на завршната фаза од подготовките во Скопје е предвиден и еден пријателски натпревар со Чиле, кој би ни послужил како еден уводен тренинг за првиот натпревар против Аргентина. Селекцијата на Чиле ја избравме за противник за нашите кадети да имаат можност да го почувствуваат јужноамериканскиот стил на ракомет. Патем, обезбедивме материјали и податоци за сите противници од нашата група, со исклучок на Аргентина, но се надевам дека до почетокот на првенството ќе ги обезбедиме потребните податоци и анализи и за нив – рече Брестовац.

Натпреварите од групите А и Б ќе се играат во спортскиот центар „Јане Сандански“, а натпреварите од групите Ц и Д ќе се играат во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Македонските кадети натпреварите од групната фаза ќе ги играат во вечерниот термин, од 20.30 часот. Прв противник ќе им биде Аргентина, а потоа се мечевите со Нигерија, Бахреин, Данска и со Јапонија.

Во осминафиналната фаза вкрстуваат најдобрите четири селекции од групата А со најдобрите од Б, потоа тие од Ц со најдобрите од Д. 


МАКЕДОНИЈА
ГОЛМАНИ: Марко Кизиќ (Вардар), Виктор Василевски (Металург), Андреј Петковски (Вардар Ј.)
КРИЛА: Марко Божиновски (Бутел), Дарко Кондев (Металург), Дарио Кофиловски (Металург), Ненад Костески (Струга), Лазар Ников (Јуниор КВ), Ален Ќосески (Вардар Ј.), Александар Стојков (КЛ-7)
БЕКОВИ: Михајло Младеновиќ (Металург), Бобан Каковски (Еурофарм), Дејан Џигеровски (КЛ-7), Мартин Карапалевски (Вардар Ј.), Илија Мелоски (Металург), Мартин Ивановски (Охрид), Глигор Гајиќ (Металург), Мартин Серафимов (Металург), Игор Ѓоргиев (Вардар Ј.)
ПИКЕРИ: Кристијан Симоновски (КЛ-7), Андреј Митиќ (Металург), Кристијан Димитриески (Охрид), Марко Трајковски (Бутел)

СП 2019 ЗА КАДЕТИ
ГРУПА А: Хрватска, Шпанија, Словенија, Норвешка, Чиле, Саудиска Арабија
ГРУПА Б: Шведска, Франција, Унгарија, Египет, Кине­ски Тајпеј, Канада
ГРУПА Ц: Македонија, Аргентина, Нигерија, Бахреин, Данска, Јапонија
ГРУПА Д: Исланд, Германија, Србија, Тунис, Бразил, Португалија