Кадетите во третиот барабан

80

Светската ракометна федерација (ИХФ) го објави распоредот на барабаните во пресрет на ждрепката за претстојното Светско првенство (СП) за кадети, што годинава ќе се одржи во Македонија (6-8 август).

Ждрепката е закажана во Базел на 29 мај, а македонските кадети се сместени во третиот барабан, заедно со репрезентациите на Србија, Словенија и Унгарија, што значи дека нема да може да ги има за ривали во групната фаза.
Во првиот барабан се селекциите на Шведска, Исланд, Данска и Хрватска, во вториот Шпанија, Германија, Франција и Бахреин, во четвртиот Египет, Јапонија, Норвешка и Тунис, во петтиот Бразил, Аргентина, Чиле и Тајпеј и во шестиот барабан се наоѓаат репрезентациите на Нигерија, Саудиска Арабија, Канада и Португалија, која го зазеде местото на Нов Зеланд, кој, пак, се откажа од настапот на СП.

Со ждрепката се формираат четири групи со по шест репрезентации, а Македонија како домаќин ќе има право да избере во која група ќе сака да игра.
Четирите најдобропласирани селекции од секоја група обезбедуваат пласман во осминафиналето, а двете последнопласирани во групите ќе играат во Президент-купот. 


Распоред на барабаните

1. Шведска, Исланд, Данска, Хрватска
2. Шпанија, Германија, Франција, Бахреин
3. Македонија, Србија, Словенија, Унгарија
4. Египет, Јапонија, Норвешка, Тунис
5. Бразил, Аргентина, Чиле, Тајпеј
6. Нигерија, С. Арабија, Канада, Португалија