Кадетите во Струга почнаа со подготовки за СП

83

Македонија на СП во август во Скопје ќе игра во група со Данска, Бахреин, Јапонија, Аргентина и со Нигерија

Македонската машката кадетска репрезентација ја почна првата фаза од подготовките за учество на Светското првенство за ракометари до 19 години, на кое Скопје ќе биде домаќин од 6 до 18 август. Селекторот Данило Брестовац во Струга ги собра дваесет и тројцата кадети од кои во текот на подготовките ќе треба да го состави тимот што ќе ги брани боите на Македонија.

– Пријатно сум изненаден од пристапот и од подготвеноста со која дојдоа ракометарите. На прв поглед се гледа дека се и физички и психички подготвени и се гледа дека не одморале во изминатиов период, туку, напротив, вредно работеле на себе и на својата подготвеност, што е за пофалба – вели Брестовац по првиот одработен тренинг.

Селекцијата тренира по двапати на ден, а во Струга ќе остане до 17 јули. Втората фаза на подготовките од 20 до 30 јули ќе ја одработат во Маврово, а до почетокот на СП ќе тренира во Скопје, кога е предвиден и еден пријателски меч со Чиле. За подобра подготвеност на репрезентацијата, Брестовац го прошири стручниот штаб со уште двајца тренери.

Македонските кадети на СП ќе бидат дел од групата Ц, каде што противници ќе им бидат врсниците од Данска, Бахреин, Јапонија, Аргентина и од Нигерија. Пласман во осминафиналето обезбедуваат четирите најдобропласирани селекции од секоја од четирите групи.