ИХФ потсети на значајни датуми од ракометната историја

65

Во 1928 година е основана Меѓународната аматерска ракометна федерација, во 1936 година играта на голем терен дебитира на ЛОИ, во 1938 е првото СП, во 1946 година е основан ИХФ итн.

ЗА ВРЕМЕ НА СВЕТСКАТА НЕДЕЛА НА РАКОМЕТОТ

Со утрешното прогласување на најдобрите за 2019 година ќе заврши Светската недела на ракометот, која од годинава ја воведе Светската ракометна федерација (ИХФ) како дел од прославата на својот роденден (12 јули 1946 година). Во дел од своите славенички презентации ИХФ потсети на значајни датуми во светската ракометна историја, чии корени датираат од 4 август 1928 година кога е основана Меѓународната аматерска ракометна федерација во Амстердам, по повод Летните олимписки игри (ЛОИ) таа година.

Во 1934 година Интернационалниот олимписки комитет го вклучи машкиот ракомет во програмата на ЛОИ 1936. Четири години подоцна е одржано првото Светско првенство во сала, во Германија. Во 1946 година е одржан основачкиот Конгрес на ИХФ во Данска (Швеѓанецот Гаста Бјорк е избран за прв претседател). Во 1949 година е играно и првото СП за жени на голем терен, во Унгарија. На 16-от Конгрес на ИХФ во Шведска во 1956 година се поставени темелите на денешната Лига на шампионите, две години подоцна тоа прераснува во турнир помеѓу најдобрите машки екипи, а во 1961 година е првиот европски Куп на шампионите за жени.

Во 1972 г. ракометот во сала за мажи дебитира на ЛОИ, а за жени во 1976-та. Во 1973 година во Нигерија е формирана првата континентална конфедерација, Африканската ракометна конфедерација. Во 1977 година е одржано првото јуниорско СП за мажи и за жени, од 1988 година ИХФ ја доделува наградата за најдобрите во светот во една година (први добитници Светлана Китиќ и Веселин Вујовиќ), во 1991 година е основана Европската ракометна федерација, во 1997 година е одржан првиот Суперглоуб за мажи, во Австрија, во 2019 година е одржано првото издание на Суперглоуб за жени, во Кина итн.