ИХФ воведе Меѓународна недела на ракометот

48

Од 12 до 18 јули ќе се одржи меѓународната прослава, која ќе опфаќа и гласање за најдобрите ракометари, ракометарки и тренери за 2019 година, а поради пандемијата за годинава се откажани планираните специјални мечеви и курсеви

За да даде дополнително значење на датумот на своето формирање (12 јули 1946 година) Светската ракометна федерација (ИХФ) објави дека периодот од 12 до 18 јули секоја година ќе биде Меѓународна недела на ракометот.

– Со воведувањето на Меѓународната недела на ракометот имаме цел да издвоиме една недела годишно за славење на нашиот спорт. Годинава неделата на ракометот ќе биде препознатлива по зголемената важност од солидарноста и ќе ја прославиме виртуелно. Со нетрпение очекуваме да славиме заедно – изјави претседателот на ИХФ д-р Хасан Мустафа за официјалната интернет-страница на ИХФ.

Меѓународната прослава на ракометната недела ќе опфаќа гласање и објавување на најдобрите светски ракометари и ракометарки за 2019 година и на најдобрите светски тренери во двете конкуренции. Како и обично, номинирани ќе бидат по петмина во секоја од категориите. Објавувањето на победниците ќе биде на крајот на Меѓународната недела на ракометот.

Светската ракометна федерација ги покани сите континентални и национални федерации низ светот да учествуваат на Меѓународната недела на ракометот. Во својата славеничка програма ИХФ имаше предвидено и специјални натпревари и курсеви, кои поради пандемијата на коронавирусот годинава ќе изостанат.