Исланд со најсилниот состав против Македонија

436
Гудјон Валур Сигурдсон

Селекторот Гудмундсон повика 20 ракометари, на списокот се врати најискусниот и најефикасен репрезентативец, левото крило Сигурдсон (не играше на СП), кој заедно со централниот бек Палмарсон е најсилното оружје на Исланд. Мечевите се на 10 и на 14 април, во квалификациите за ЕП 2020

Cелекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон, ги собра сите расположливи сили за квалификацискиот двомеч со Македонија за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Гудмундсон повика 20 ракометари со кои ќе се обиде да ја повтори играта од јануари, кога Исланд славеше со 24-22, на Светското првенство (СП).

На списокот повторно се најде најискусниот и најефикасен репрезентативец, левото крило Гудјон Валур Сигурдсон, кој заедно со централниот бек Арон Палмарсон е најсилното оружје на Исланд. Споредено со составот од СП во јануари, во тимот го нема левото крило Стефан Сигурмансон од Сегед и исландската ракометна надеж, новиот Палмарсон, Гисли Кристијансон, кој поради повреда подолго време е надвор од игра.

На неговото место шанса ќе добие Магнус Магнусон од тимот на Валур. Меѓу имињата на списокот на Гудмундсон, го нема ни младото десно крило Один Тор Рикхардсон, така што втора опција зад Арнор Гунарсон ќе биде Сигвалди Гудјонсон, кој играше и на СП.

На пикерската позиција селекторот повика тројца ракометари, стандардните Арнор Арнорсон и Орн Гисласон заедно со повремениот репрезентативец Хеимир Хеимисон. Како главни дефанзивци и овој пат во тимот се Олафур Густавсон и Даниел Ингасон.
Македонскиот селектор Данило Брестовац најави дека својот репрезентативен избор за двомечот со Исланд ќе го објави до понеделник.

Првиот квалификациски дуел се игра во Рејкјавик, на 10 април (од 19.45 часот), а реваншот е четири дена подоцна во Скопје (од 20 ч.). Во истите термини во групата 3 меѓу себе ќе играат и Грција и Турција.

На ЕП 2020 ќе се пласираат по две првопласирани селекции од секоја од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните. Директен пласман обезбедија домаќините на континенталното првенство, Австрија, Норвешка и Шведска, како и европскиот првак Шпанија. 

Арон Палмарсон