Интерактивно ЕП

148

Ракометарите имаат чипови во дресовите, се игра со „паметна“ топка што мери, позиционира, брои, на судиите им е од помош видеотехнологијата, а гледачот не е само гледач (во сала или пред ТВ) туку е и активен учесник преку специјалната апликација на ЕП 2020

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Модерната паметна технологија е сѐ поприсутна во секојдневниот живот, а ваквиот тренд продолжува и на Европското првенство (ЕП) во ракомет, чија една група се игра во Виена, а другите во Грац, Трондхајм, Малме, Гетеборг и во Стокхолм. Така, на ова ЕП, со воведувањето на електронското следење на движењето на ракометарите на теренот, на пример, се обезбедуваат повеќе статистички информации, кои фрлаат ново светло на случувањата на теренот.
На тој начин „паметната“ топка на „Селект“ измери дека македонскиот репрезентативец Филип Талески го има најбрзиот удар на досегашниот дел од шампионатот. Талески „возеше“ со 141 км на час. Официјалниот сајт на ЕП објави податок дека, на пример, на фајналфорот на Лигата на шампионите лани најбрзиот шут бил на Данецот Ласе Андерсон од Барселона, со 140 км на час. Чипот во топката испраќа информации за брзината на шутот, потоа во кој дел од голот топката ја поминала гол-линијата итн.

– Штета што не се мереше брзината на ударот во времето на Пепи Манасков, баш ме интересира со која брзина тој шутираше – вели Михаил, кој ги следи мечевите од ЕП 2020 во Виена.

Во други спортови, фудбалерот Рони Хедерсон на мечот против Навал де Маио постигнал погодок со шут со брзина од 210 км на час, додека австралискиот тенисер Самуел Грот во 2012 година на турнирот во Бусан, Јужна Кореја, сервирал по што топчето се движело со брзина од 263 км на час.

Чипот за следење на играчите, пак, е прикачен на нивните дресови и тежи само 14 грама. Тој испраќа податоци за одиграни минути, најбрз контранапад, највисок скок, број на одбрани. Сите податоци се достапни за гледачите во салата, но и за љубителите на ракометот покрај малите екрани.

„Посилно, побрзо, повисоко“ е олимпиското мото. Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров скокнал 74 см од земја, и тоа не еднаш туку двапати за време на натпреварите на ЕП. Колку за споредба, португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо на мечот со Сампдорија неодамна скокна „само“ 71 см.

Од другите технолошки новитети, преку официјалната апликација на Европскиот шампионат директно се инволвирани и гледачите. Достапни за публиката се изјавите во живо од микс-зоната, како и од прес-конференциите пред и по натпреварите. Секоја репрезентација може во живо да ги пренесува случувањата зад сцената, со што би била во директен контакт со гледачите.

А гледачот не е само гледач (во сала или пред ТВ) туку е и активен учесник, бидејќи апликацијата овозможува пристап до сите статистички податоци во живо и по завршувањето на натпреварите. Згора, може да се типува на сите 65 меча од Европскиот шампионат. Следуваат поени за победник, точен резултат, како и за точна разлика. Гледачите може да формираат и своја лична група во која може да ги типуваат мечевите. За најдобрите следуваат голем број изненадувања и награди.

– Полн погодок е апликацијата. Ги добиваме сите информации во живо на телефонот и постојано сме во чекор со случувањата. Типувањето во група е, исто така, убава работа. Имаме група и се натпреваруваме, искрено да признаам не ми оди баш најдобро, но не се предавам, има уште доста натпревари – ни рече Никола.
Со оваа апликација љубителите на ракометот не само што може да ги следат актуелните случувања туку и директно се вклучени во изборот за најдобар ракометар и на најдобриот тим на ЕП 2020, т.н. олстар-тим, чие гласање ќе почне во главната групна фаза.


Австриски бекови, дански крила и белоруски пикери
Најефикасна бековска линија на ЕП имаат Австријците, со 28 гола од линијата од девет метри, односно 14 во просек по меч. Најефикасните крила ги има Данска, кои реализирале 24 гола од крилните позиции (12 по натпревар). На линијата од шест метри најдобро се снаоѓаат Белорусите, кои од пикерската позиција реализирале 28 пати (9,3 гола по натпревар).


Шведска и Шпанија ги имаат најдобрите голмани
Шведските голмани Андреас Паличка и Михаел Апелгрин го имаат најдобриот просек од по 16 одбрани по меч на ЕП, или вкупно 32 одбрани. За нијанса послаб ефект од 15,3 одбрани по меч имаат шпанските голмани Гонзало Перез де Варгас и Родриго Коралес. Белорускиот голман Вјачеслав Салдатсенка е специјалистот за ударите од линијата за седум метри, откако тој во мечевите од групната фаза успеа да одбрани пет од 11 седмерци.

 

Слободен ден за посета на музеј

Во рамките на слободниот ден на Европското првенство во ракомет, претставниците на медиумите имаа можност да го посетат „Историскиот музеј на уметноста“ во центарот на Виена. Музејот е изграден во 1891 година, а во него може да се видат слики, портрети, експонати од различни стилски епохи, од египетските мумии, преку римските бисти и мозаици, па до делата на големите мајстори на ренесансата и барокот Рафаел, Рубенс, Караваџо, Рембрант, Тицијан итн. М.П.


Австрија игра најтимски

Во изминатите пет натпреварувачки денови на ЕП, селекцијата на Австрија ја демонстрира најтимската игра на првенството со 48 асистенции, односно во просек е по 24 асистенции по меч. Јанко Божовиќ со 15 и Микола Билик со 13 се нивните најдобри асистенти.

Шпанците најбрзи, Холанѓаните најпродорни

Најмногу контри во мечевите од групната фаза истрчаа ракометарите на Шпанија, вкупно 25, од кои 22 завршија во противничките голови. Најуспешни во играта „еден на еден“ се Холанѓаните, кои 23 пати успеале да реализираат со брз продор низ противничката зона. Со игра на брз центар се постигнати 20 гола од 21 обид, а Украинците биле стоотстотни во три наврати.

Хрватска и Шпанија со по два бода

Селекциите на Хрватска и на Шпанија во групите А и Ц забележаа перфектен скор од по три победи во мечевите во групната фаза на Европското првенство во ракомет што се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Така, тие во следната рунда пренесуваат по два бода на своето конто. Освен тие две селекции, пласман во следна рунда до вчера обезбедија и Белорусија и Германија, но без пренесени бодови.