Зошто клупската стратегија на Металург е и национална

749
Пионерите на Металург се шампиони на Македонија

Богатството на човечките ресурси и концептот за просперитет на нашиот спорт број 1

Трендот на премрежињата кај нас, кој силно се рефлектира и на спортските полиња, наметна потреба за барање и пронаоѓање начини и методи што ќе обезбедат наша поголема конкурентност. Не само општо, туку посебно сакаме да се осврнеме на создавање конкурентност во спортските арени, спортските натпревари, било во клупските дресови или, пак, во националните репрезентации. Но која е формулата да се направи тоа и зошто?

Динамиката на работата денес бара сѐ побрз одговор во смисла на креирање модел, пристап, методи и алатки кои ќе овозможат соодветно управување со нематеријалните ресурси, попрецизно – луѓето. Тие, луѓето, се во суштина главниот фактор кој гарантира наш опстанок, континуитет, развој и конкурентност. Затоа, суштинскиот фактор за квалитет, препознатливост, посебност, за индивидуална или колективна конкурентност се всушност човечките ресурси, а со нивното квалитетно управување се посејува семето на сопствениот просперитет.

Конечно, истражувачите низ практиката го потврдуваат фактот дека не парите, не салите или опремата (иако и тие имаат свое влијание), туку токму луѓето се тежишниот момент за да се направи успехот, било индивидуалниот, било како колективитет. Успешното менаџирање со човечките ресурси, нивно негување, од детските категории, па сѐ до сениорските, а не предимензионираниот увоз на странци е формулата со која нацијата, и во спортскиот домен, ќе обезбеди пораст, развој и конкурентност.

Успесите на РК Металург потврдуваат дека клупскиот концепт дава резултати

Во минатите пет сезони, Металург освои 19 од можни 30 трофеи во младинските првенства на Македонија, сето тоа благодарение на системски планираната и реализирана стратегија на клубот за развој на базата, која од година во година е сѐ поширока и поплодна. Трофеите се видливиот дел од макотрпната секојдневна работа, оти сите спортски успеси на Металург се должат на здрава и перспективна клупска стратегија реализирана со секојдневната работа на тренерите и на децата, кои покрај тоа што учат ракомет, учат и спортска култура, култура на однесување, се социјализираат, учат за меѓусебна грижа, почит, поддршка, морал…

Со завршувањето на финалните натпревари во 13-та сезона од мини-лигата на Металург, Ракометната академија „Металург“ заокружи уште една успешна сезона со своите млади категории. Повеќе од 300 деца, членови на ракометните школи на Металург, ги примија дипломите за остварените успеси во натпреварувањето, витрините на Металург се збогатија со уште три шампионски титули од подмладокот на Металург, освоени во првенствата на Македонија, а трофеи стигнаа и од три меѓународни турнири.
Годинешни прваци на Македонија станаа пионерите на Металург, а четврта сезона по ред шампионските пехари завршија во рацете на машката и на женската младинска екипа на Металург, кои се натпреваруваа во рамките на првенствата на Ракометната федерација на Македонија. И сезонава, како и претходните, во ракометниот расадник во „Автокоманда“ повторно расцветаа нови таленти, кои, како и нивните претходници од минатите сезони, во иднина со гордост ќе го носат клупскиот и националниот дрес.

Препознавањето на концептот на РК Металург како (национална) вредност

До вакви резултати се дојде благодарение на системски планираната и реализирана стратегија на клубот. Во Металург најмногу се работи на базата, која од година во година е сѐ поширока и поплодна. Она што Металург редовно го демонстрира на дело преку Академијата и преку своите селекции е само дел од стратегијата за создавање на ментално здрава и физички силна спортска нација. За тоа дека упорната и исправна работа секогаш дава плод зборува повеќегодишната шампионска доминација на младите екипи на Металург кои секоја година ги полнат витрините на клубот со шампионски пехари.

Младите ракометари и ракометарки на Металург во изминативе пет сезони освоиле вкупно 19 од можните 30 титули во младите категории. Најмногу од нив се во младинска конкуренција (по четири во машка и во женска конкуренција). Од преостанатите 11 трофеи во претходните пет сезони Вардар освоил седум (две во машка конкуренција), Јуниор Струга две и КЛ-7 и Прилеп по една (сите машки).
Како дополнение на домашната доминација, сезонава Металург освои и три победнички пехари од учество на меѓународни турнири. Кадетите од генерацијата 2002/03 славеа на двата турнира во Скопје и беа супериорни против своите врсници, а еден триумф од меѓународен турнир во Скопје имаат и кадетките на Металург.

Сите спортски успеси на Металург се должат на визионерската клупска стратегија реализирана со секојдневната макотрпна работа на тренерите и на децата, кои покрај тоа што учат ракомет, учат спортска култура, култура на однесување, се социјализираат, учат за меѓусебна грижа, почит, поддршка, морал… Ова е, всушност, матрицата која треба да биде разработена како поширок систем во областа на спортот и спортските активности, и во рекреативниот и во професионалниот спорт, а во крајна линија и како мисија за создавање здрава и силна нација.

[email protected]