За репрезентацијата следуваат мечеви со повеќекратно значење

136
Фото: Игор Бансколиев

Македонија со победи над Турција и над Грција ќе се пласира на ЕП 2020 како прва во групата, ќе влезе во вториот барабан, со што ќе има потенцијално полесни противници како појдовна основа за повисок пласман на ЕП, што, пак, носи полесен противник во баражот за СП 2021 и евентуален влез во квалификациите за ЛОИ 2020

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, утре, селекторот на македонската ракометна репрезентација Данило Брестовац и неговите избраници ќе ја почнат мисијата за заверка на пласманот на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, што ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Противници во двата последни меча од овие квалификации се селекциите на Турција и на Грција. Прв на распоредот е гостинскиот натпревар со Турција, во Ескишехир, в среда од 18 часот, а потоа е мечот против Грција, на 16 јуни, од 18 ч. во Струмица.

По досегашните четири кола Македонија е прва во групата со пет бода, исто колку и Исланд, а за да ја задржи таа позиција потребни се победи во двата меча (при ист број бодови со Исланд предност ќе има Македонија поради подобриот меѓусебен скор). Тие победи можат да имаат повеќекратно значење.

Така, триумфите на двата меча на Македонија ќе ѝ донесат влез во вториот барабан пред ждрепка на групите на ЕП 2020. Тоа на Македонија ќе ѝ донесе потенцијално полесни противници во групната фаза, а тоа значи поголеми шанси за висок пласман на ЕП. Висок пласман на континенталниот шампионат, пак, ќе значи и полесен противник во идниот бараж за пласман на Светското првенство во 2021 година, за продолжување на низата учества на големите натпреварувања ЕП и СП, почната во 2012 година. Згора, полуфиналистите обезбедуваат директно место на Мундијалот во Египет.

Од друга страна, висок пласман, до седмата или до осмата позиција на ЕП 2020, на Македонија би можел да ѝ донесе место и во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио, доколку во таков еден случај подобар пласман од Македонија на ЕП 2020 би имале селекциите што преку Светското првенство (СП) годинава обезбедија директно место (Данска) и тие што имаат сигурно место во квалификациите за ЛОИ (Франција, Германија, Шведска, Норвешка, Хрватска и Шпанија). Ако некоја од нив биде зад Македонија на ЕП 2020, тогаш црвено-жолтите за да играат за пласман на ЛОИ треба да бидат повисоко пласирани.

Директен пласман на ЛОИ 2020 во Токио засега имаат домаќинот Јапонија и светскиот првак Данска, а ќе се пласираат и европскиот, азискиот, панамериканскиот и африканскиот првак, како и шест репрезентации од трите квалификациски турнири.
Репрезентациите на ЕП 2020 ќе бидат поделени во шест групи со по четири репрезентации, а следната групна фаза, во којашто ќе има две групи со по шест селекции, ќе се формира со двете најдобропласирани селекции од секоја група. Групата 1 ќе ја сочинуваат најдобрите од групите А, Б и Ц, а групата 2 ќе биде составена од најдобрите од Д, Е и Ф. Потоа, двете првопласирани селекции по главната рунда ќе играат во полуфиналето, а репрезентациите на третото место во групите ќе играат меѓусебен меч за пласман на петтото место на ЕП 2020.