За Европа три места повеќе на мундијалите

200

Досега низ квалификациите на СП се пласираа девет репрезентации, а за следното ќе има место за 12. На СП 2021 ќе играат и светскиот првак Данска и идниот европски шампион, па Европа ќе има вкупно 14 селекции од вкупно 32 на првиот проширен мундијал

Европа доби три дополнителни места на светските првенства (СП), откако Светската ракометна федерација (ИХФ) го објави планот за распределба на 32-те места за Мундијалот во Египет во 2021 година. ИХФ објави и дека го задржува правото да направи измени во распределбата на местата за секое наредно СП, за да се задржи квалитетот на натпреварувањето.
Од 32 места за СП 2021 само две се однапред доделени, на домаќинот Египет и на светскиот првак Данска. Од другите 30 места, 13 ќе им припаднат на европските селекции, кои повторно ќе разигруваат во бараж-двомечеви за пласман на СП. Директен пласман ќе има и за европскиот првак од шампионатот в година, а 12 селекции ќе добијат место преку квалификациите. Досега Европа на СП имаше вкупно 10 места, и тоа за девет селекции од квалификациите и едно за европскиот првак.

Од другите континенти, Африка ќе биде застапена со шест места на следниот мундијал, плус домаќинот Египет. Азија ќе има четири претставници, а Америка ќе ја претставуваат пет селекции, од кои една од Северна Америка и Карибите и четири селекции од Јужна и од Централна Америка. Океанија има едно место, но само доколку шампионот на овој континент се најде меѓу најдобрите пет селекции на Купот на Азија. Во спротивно, тоа место ќе биде доделено како втора вајлд-карта од ИХФ, по завршувањето на квалификациите на сите континенти. 


Македонија и со 14-то место на ЕП останува носител во баражот за СП

За репрезентацијата на Македонија да се пласира на ракометното Светско првенство во 2021 година по полесниот пат, прво ќе треба да ги помине квалификациите за Европското првенство в година, во групата со Исланд, Турција и со Грција (барем второ место).
Потоа, на тоа ЕП црвено-жолтите треба да забележат пласман до 14-то место (услов е и Данска како светски првак да биде пласирана подобро од тоа место) за да се остане меѓу носителите, со што би се добил полесен противник во баражот. Во спротивно, ќе следува преселба меѓу второрангираните репрезентации и во бараж-дуелите за пласман на СП 2021 ќе треба да се разигрува со селекции од европскиот врв.
На претходните четири ЕП Македонија беше петта (2012-та), 10-та (2014) и двапати 11-та (2016 и 2018), на сите четири ЕП со 16 селекции. На следното ЕП првпат ќе играат 24 репрезентации.