ЖРК Куманово е победник во купот на Македонија

165

Ракометарките на Куманово денеска во спортската сала во Куманово во финалето од купот ја совладаа екипата на ЖРК Вардар од Скопје со 24:22 (11:9) со што за прв пат во својата клупска историја во независна Македонија ја освоија титулата – Шампиони во купот на Македонија.

Тие денеска во финалната средба против екипата на Вардар максимално ја искористија предноста на домашниот терен, но и огромната помош од домашната публика која овој пат навистина во голем број ја исполни спортската сала во Куманово и даде голем допринос кон денешната победа на домашните ракометарки.

Домашните ракометарки на денешниот финален натпревар и покрај тоа што на хартија важеа за фаворити, тие попладнево во спортската сала во Куманово многу потешко од очекувањата стигнаа до оваа многу вредна и драгоцена победа од 24:22. За тоа секако виновници беа и гостинските ракометарки на ЖРК Вардар кои денеска во Куманово одиграа солидно и многу квалитетно, па на крајот само секунди ги делеа од изедначување и продолженија.

Ракометарките на Куманово пак поради важноста на натпреварот потфрлија на психолошки план и натпреварот го одиграа под голем психолошки притисок, па и покрај тоа што во два три наврати водеа со позитива и од +5 гола разлика (20мин.-10:5 и 34 мин.-14:9 ) денешната победа ја обезбедија дури на неколку секунди пред последниот свиреж на судиите. Генерално гледано во овие два три дена од турнирот за купот на Македонија тие беа најквалитетната женска екипа и на крајот сосема заслужено се радуваа на оваа титула која што ја чекаа речиси цели 28 години.

Најефикасни ракометарки на денешниот натпревар кај победничката екипа на Куманово беа Ана Шарановиќ со 7 и Мила Трајковиќ со 6 голови, додека пак кај екипата на Вардар, Ивона Трпевска со 6 и Милица Николиќ и Андреа Седлоска со по 4 постигнати голови.

Т.Д.