ЖРК Куманово го заврши учеството во ЕХФ Купот

103

Синоќа во спортската сала во Куманово ракометарките на Куманово во реванш-натпреварот од првото коло од европскиот ЕХФ Куп, натпревар што истотака го одиграа на домашен терен, но овојпат во улога на гостин, загубија од екипата на Славија од Прага со 31:24 (14:13) со што се простија од понатамошното учество во оваа европско натпреварување.

Ракометарките на Куманово на синоќешниот реванш натпревар пропуштија ретка и голема шанса да се пласираат во второто коло од ЕХФ Купот бидејки и двата натпревари ги одиграа на домашен терен, а освен тоа имаа и поволен резултат од првиот натпревар во кој што победија со 27:23 со чиј резултат требаше само да ги одбранат четирите гола предност и да продолжат понатаму во оваа европско натпреварување. Но, за жал, на синиќешниот натпревар тие не ја повторија добрата игра од првиот натпревар и ги разочараа сите добри познавачи на ракометот, како во Куманово, така и пошироко во државата.

Тие на синоќешниот натпревар едноставно согореа од желбата за победа и ниту од далеку не беа на висина на задачата што на натпреварот, особено во последните петнаесетина минути, резултираше со неверојатен пад и концентрација во играта, кога во неколку наврати, и тоа со играч повеќе, направија многу несфатливи техничкии грешки и кога промашија неколку стопроцентни шанси за гол, од коишто едноставно потешко е да промашиш отколку да погодиш, што пак од другата страна гостинските ракометарки редовно и умешно го казнуваа, па на крајот со победата од 31:24 се чини сосема заслужено ги продолжуваат натпреварите во ЕХФ Купот.

Што се однесува, пак, до самиот натпревар, гостинките ракометарки, во улога на домаќинки, главно го контролираа натпреварот и беа во постојана резултатска предност од позитива од 2-3 гола, којашто домашните ракометарки на Куманово успешно ја одржуваа и анулираа до негатива од еден или два гола, кој што резултат им одговараше и ги водеше понатаму во второто коло. Но, за жал, така беше само до средината на второто полувреме кога со неверојатен пад играта на домашните ракометарки едноставно се распадна, што пак гостинските ракометарки максимално го искористија и стигнаа до поволен резултат за конечна победа од 31.24, резултат со кој екипата на Куманово ја елиминираа од понатамошното натпреварување.

И покрај елиминацијата, ракометарките на Куманово во целина во годинешното учество во ЕХФ Купот не се посрамотија, но останува фактот дека пропуштија голема и неверојатна шанса да постигнат еден голем успех за екипата на меѓународен план.

Мал хендикеп, но и мало оправдување за елиминацијата на екипата на ЖРК Куманово лежи можеби во податокот што екипата и двата натпревари ги одигра во период кога екипата се наоѓа во припремен период, пред почетокот на нашето државно првенство, и кога ракометарките не се во најдобра физичка припременост, што се потврди и со фактот за големиот пад на концентрацијата и на играта кај домашните ракометарки во последните петнаесетина минути од натпреварот.

Најефикасни ракометарки на синоќешниот втор натпревар кај ЖРК Куманово беа Леонида Гечевска и Ангела Јанкуловска со по 8 гола, додека, пак, кај гостинките од Прага, Тереза Покорна со 10 и Јелиска Јацкова со 5 постигнати гола.

Т.Д.