ЕХФ досега одложи 28 европски клупски натпревари

39

Од почетокот на сезоната, поради коронавирусот, одложени се вкупно 12 меча во Лигата на Европа, девет во Лигата на шампионите (ЛШ) за жени и седум во ЛШ за мажи

РАКОМЕТ

Коронавирусот направи вистински хаос во ракометната Лига на шампионите (ЛШ) и во Лигата на Европа (ЛЕ). Поради големиот број позитивни случаи на коронавирус или поради локалните мерки на државите за справување со пандемијата, Европската ракометна федерација (ЕХФ) деновиве беше принудена да одложи нови осум натпревари од второто коло од ЛЕ, еден од 6. коло од машката ЛШ и четири во женската ЛШ.
Од почетокот на сезоната се одложени вкупно 19 натпревари кај мажите, од кои 12 во новоформираното натпреварување ЛЕ, во кое партиципираат 24 екипи, и седум во ЛШ, која сезонава ја сочинуваат 16 тима, како и девет средби во ЛШ за жени.
Дуелот од 6. коло од ЛШ меѓу Елверум и Мешков Брест е одложен поради задолжителниот 14-дневен карантин кој го предвидуваат норвешките власти, а мечевите во ЛЕ, Спортинг – Татран, Нексе – Бешикташ, Металург – Висла, ЦСКА – Алингсас, Ним – Фуксе Берлин, Тримо – Кадетен, Татбања – Левен, Магдебург – Монпелје се одложени поради позитивни случаи кај дел од ракометарите и стручните тимови на екипите.

Во 2. коло од ЛЕ ќе се играат само дуелите Адемар Леон – Тулуз, Фиверс – Чеховски медведи, (група А), Кристијанстад – Динамо Букурешт (група Б) и ГОГ – Еурофарм Пелистер (група Д). Во 6. коло од ЛШ за жени се одложени четири меча, еден во групата А (Ростов Дон – Вајперс Кристијансанд) и три во групата Б (Будуќност – Ѓер, Валчеа – Борусија Дортмунд и ЦСКА – Подравка), или вкупно девет досега. 


ДОСЕГА ОДЛОЖЕНИ МЕЧЕВИ

Лига на Европа за мажи 12
Лига на шампиони за жени 9
Лига на шампиони за мажи 7