Ефикасноста на Барселона се темели на големата тимска игра

66
Алекс Гомез

Барселона го има најдобриот напад со 36,2 гола по меч сезонава во ЛШ, но има само еден стрелец меѓу најдобрите 50, распоредувајќи ги речиси рамномерно головите меѓу играчите

Шпанскиот првак Барселона и данскиот првак Алборг го одиграа најефикасниот меч во досегашниот тек од сезоната во ракометната Лига на шампионите, постигнувајќи 78 погодоци. Барселона вторпат сезонава ја надмина границата од 40 гола во еден меч (славеше со 44-35, а претходно победи и со 45-21 на дуелот со Целје) и по осмото коло го има најдобриот напад со просек од дури 36,2 гола по натпревар.

Дополнителен позитивен момент зад најдобриот напад во ЛШ е тоа што 290-те гола на Барселона се плод на тимска игра во која головите речиси рамномерно се распоредени меѓу играчите од тимот, така што само еден ракометар на Барселона е меѓу врвните 50 стрелци во ЛШ сезонава (десното крило Алекс Гомез со 43 гола е на 10-то место). Така, 137 гола, или 47 проценти од сите голови, се дело на седум ракометари од бековската линија (19,5 по играч), 109 погодока, или 38 отсто, се реализирани од петте крила во тимот (21,8 по ракометар), 43 гола, или 15 отсто, се постигнати од четворицата пикери (10,8 по играч), а еден гол зад своето име има и голманот Перез де Варгас.

По 8-то коло во ЛШ шпанскиот тимови се издвоија како лидери во однос на позитивните статистики. Барселона го има најдобриот напад со 36,2 гола по натпревар, а вицепрвакот Бидасоа ја има најдобрата одбрана со 23,6 примени погодока по натпревар. Најнеефикасниот напад во досегашниот тек на сезоната го има хрватскиот првак Загреб со 23,6 постигнати гола по меч, а украинскиот првак Мотор прими најмногу голови во просек, 32,7 по натпревар.

Со голот на Мирко Радовиќ во последната секунда од мечот, македонскиот вицепрвак Еурофарм ја забележа втората победа во групната фаза од ЛШ, славејќи над најмладиот тим во лигата, шведскиот првак Савехов со 32-31.
Данецот Микел Хансен одново беше лидер на ѕвездениот тим на тренерот Раул Гонзалес, ПСЖ, кој забележа уште една тешка победа во дерби-дуелот со германскиот првак Фленсбург (32-30) и со 14 бода остана на делба на правата позиција на табелата во групата А со Барселона. 


Волф, Раинкинд и Гомез вторпат сезонава се во тимот на колото

Голманот на Киелце Андреас Волф, десниот бек на Кил Харалд Раинкинд и десното крило на Барселона Алекс Гомез вторпат сезонава влегоа во изборот на ЕХФ за тим на колото во ракометната Лига на шампионите (ЛШ). Волф одигра клучна улога во победата на Киелце над Вардар забележувајќи 14 одбрани, а Раинкинд со гол во последната секунда не дозволи Кил вторпат да биде изненаден од Порто. Крилото на Барселона со девет гола беше лидер во победата над Алборг. Место во тимот на 8-то коло во ЛШ има и за креаторот на победата на Киелце Игор Карачиќ, левиот бек на Целје, Јосип Шарац, левото крило на Кил, Магнус Ландин и пикерот на Спортинг, Тијаго Роча. Напаѓачката линија во тимот на 8-то коло од ЛШ забележа ефект од 49 гола. Првата позиција на листата на стрелци по осум кола во ЛШ ја има левиот бек на Еурофарм Работник Украинецот Владислав Остроушко со 53 гола, втор е Данецот Емил Јакобсен од ГОГ со 52, а трет со 46 погодоци е Унгарецот Габор Часар од Кадетен.