Душебаев: Ракометот профитира со проширувањето на ЕП

341
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јас сум навистина задоволен и сметам дека ЕП е одлично организирано, вели Душебаев, кој во својата играчка кариера освои олимписко и светско злато, за Шпанија одигра над 150 меча, постигна повеќе од 500 гола, а лозата продолжува со неговите синови, кои се носители на европскиот златен медал од 2018 година

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Мечевите од главната фаза на Европското првенство во ракомет во живо во Виена ги следеше Талант Душебаев, чии синови Алекс и Даниел настапуваат во шпанската репрезентација. Актуелниот тренер на Киелце и поранешен селектор на Полска носи позитивни импресии од Виена. Во разговорот за „Нова Македонија“, еден од најдобрите ракометари на минатиот век зборуваше за проширувањето на ЕП, односот со своите синови и кого го гледа како фаворит во Стокхолм, каде што од утре ќе се игра за медалите на ЕП 2020.

– Јас сум навистина задоволен и сметам дека ЕП е одлично организирано. Зголемувањето на бројот на репрезентации го гледам како позитивно, ракометот профитира, бидејќи важна улога играат и репрезентации што досега беа во сенка – вели Душебаев.

Душебаев во својата играчка кариера освои олимписко и светско злато, за Шпанија одигра над 150 меча, постигна повеќе од 500 гола. Лозата продолжува со неговите синови, кои се носители на европскиот златен медал од 2018 година.

– Ги поддржувам, секогаш сум тука за нив, но не им давам екстра-инструкции. Тие имаат одличен селектор (Рибера – н.з.), кого многу го почитувам. Одлично си ја вршат својата работа и драго ми е што го даваат најдоброто за шпанската селекција – рече Душебаев.

Душебаев од 2014 година е на клупата на Киелце, со кој во 2018 година ја освои Лигата на шампионите. Потоа од 2014 до 2016 година работеше паралелно како национален тренер на Унгарија, а во 2017-та како селектор на Полска, по што се повлече од репрезентативниот ракомет.

– Мислам дека е многу тешко да се усогласат тие две работи. Бараат многу жртвување, патувања, доколку сте тренер на клуб и на репрезентација во иста земја, може да се усогласат обврските. Но на пример кога сте тренер на клуб во Полска, а национален тренер на Шпанија, тогаш е навистина тешко, практично невозможно. За да се извлече најдоброто, потребно е да се фокусираш на една работа – смета Душебаев.


Шпанија има одлична екипа, но нема да биде лесно

Завршниот викенд на годинашното Европско првенство во ракомет ќе се игра во Стокхолм. Секогаш е интересно да се чуе прогнозата од ракометарот што двапати беше прогласен за најдобар во светот.
– Би рекол дека Шпанија има одлична екипа, но нема да биде лесно. Хрватска е тука со Лино Червар, кој е извонреден тактичар и секако Норвешка, која е домаќин. Навистина е тешко да се прогнозира, мечевите може да ги одлучат нијанси. Во секој случај, се радувам на мечевите што претстојат – рече Талант Душебаев. М.П.


Австрија го сака и женското ЕП во 2024 година

Австрија, заедно со Унгарија и со Швајцарија, поднесе заедничка кандидатура за организирање на ЕП 2024 во ракомет во женска конкуренција. Во трка за добивање на организацијата уште се Русија и заедничката кандидатура на Чешка, Словачка и на Полска. Одлуката кој ќе биде домаќин ќе биде донесена викендов во Стокхолм. М.П.

Патот до ЛОИ

Како актуелен светски ракометен шампион, Данска веќе се пласира на ЛОИ годинава во Токио. Од Европа на ЛОИ директно ќе оди и новиот првак (Хрватска, Шпанија, Норвешка, Словенија или Унгарија). Врз основа на пласманот на СП 2019, место во олимписките квалификациски турнири во април годинава имаат Норвешка, Франција, Германија, Шведска, Хрватска и Шпанија. Ако Норвешка, Шпанија или Хрватска стане европски шампион, нејзиното место на квалификациските турнири ќе го заземе селекција што не е од Европа, пишува на официјалната интернет-страница на ЕП 2020. За Европа, сепак, има уште две места во квалификациите. Ако Норвешка, Шпанија или Хрватска стане европски првак, во олимписките квалификации ќе одат втората и третопласираната екипа од главната рунда на ЕП 2020 од групата 2 во Малме, бидејќи Германија, која е трета во групата 1, веќе е дел од квалификациите за ЛОИ. Ако, пак, Словенија или Унгарија стане европски шампион, двете дополнителни европски места ќе одат за третопласираната екипа од групата 2 во Малме и селекцијата што ќе биде седма на ЕП 2020…