Дупјачанец: Спроти себе ќе имаме сериозен и квалитетен противник

109
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Французите се едни од главните фаворити за првото место во групата. Добро ја анализиравме нивната игра. Сепак, ова е почеток на групната фаза, во која наша цел е од натпревар во натпревар да растеме, да стануваме сѐ покомпактни како тим и да ја користиме секоја шанса на теренот за победа, изјави капитенот на Металург, Даниел Дупјачанец

РАКОМЕТ – МЕТАЛУРГ УТРЕ ГОСТУВА КАЈ ТУЛУЗ ВО 1. КОЛО НА НОВОТО НАТПРЕВАРУВАЊЕ, ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Со утрешниот меч од 1. коло против француски Тулуз (20.45 ч. пренос на МТВ), ракометарите на Металург ќе ја почнат годинешната европска сезона во новото натпреварување, Лигата на Европа (ЛЕ). Металург е дел од групата А заедно уште и со Висла, Чеховски медведи, Адемар Леон и со Фиверс и ќе игра за едно од првите четири места на табелата за пласман во осминафиналето. Победа во утрешниот меч ќе биде императив и за двата тима.
– Французите се едни од главните фаворити за првото место во групната фаза и сметам дека спроти себе ќе имаме еден сериозен и квалитетен противник. Добро ја анализиравме нивната игра. Нивната одбрана најчесто е во формациска поставеност 6-0, а нивното најмоќно оружје е брзата транзиција. Мора да бидеме многу внимателни и да влеземе максимално борбено и концентрирано во мечот, бидејќи имаат тим составен од одлични индивидуалци на секоја од позициите и секој од нив може да изненади и да ни направи проблем доколку не сме на висината на задачата. Сепак, ова е почеток на групната фаза, во која наша цел е од натпревар во натпревар да растеме, да стануваме сѐ покомпактни како тим и да ја користиме секоја шанса на теренот за победа – изјави капитенот Даниел Дупјачанец.

Тренерот на Тулуз, Филип Гарден, својата игра главно ја темели на искуството и на квалитетот на репрезентативните интернационалци во својот тим, 11 на број, меѓу кои носители се репрезентативното лево крило од Србија, Немања Илиќ (30), десниот бек на Алжир, Ајуб Абди (23), како и холандскиот репрезентативен организатор на игра Лук Стеинс (25). Тука се и младинецот од Португалија, левиот бек Мартин Виера (21), младинскиот репрезентативец на Франција, десното крило Едуард Кемпф (22), како и сениорскиот репрезентативен пикер на Норвешка, Хенрик Јакосбсен (27). За одбраната на голот на Тулуз се задолжени белгискиот репрезентативец Џеф Летенс (30) и поранешниот голман на Гранолерс, Бразилецот Цезар Алмедиа (31), а дел од тимот на Гарден се и шпанскиот десен бек Арон Кодина Вивачо (21), унгарскиот лев бек Урош Борзаш (21), српскиот лев бек Милан Јовановиќ (22) како и хрватскиот дефанзивец Лука Соколиќ (30). Во тимот Гарден има и 17 млади француски ракометари од школата на францускиот тим.

На патот кон групната фаза на ЛЕ, Тулуз ја победи романска Турда (66-62) во второто квалификациско коло, а Металург во двете кола беше подобар од Спачва од Хрватска (60-57) и од Кринс Луцерн од Швајцарија (47-46). Во францускиот шампионат сезонава Тулуз одигра четири меча, забележа една победа (Шамбери) и три порази (ПСЖ, Ним, и Нант) и со два бода е 11-ти. Металург по три кола во домашното првенство (кое сега е во прекин поради коронавирусот) ја има првата позиција на табелата со три победи.