Димитриоски: Младите од меч на меч покажуваат сѐ поголема зрелост и одговорност

306
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Металург утре гостува кај австрискиот првак Фиверс, со кого во првиот меч во Скопје одигра нерешено 33-33

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Ракометарите на Металург го загубија дуелот со рускиот првак Чеховски медведи (32-37) во Скопје, во заостанат меч од петтото коло во Лигата на Европа (ЛЕ). За разлика од првиот меч во Москва пред две седмици, кој Чеховски медведи го доби со 40-25, овој пат металурзите одиграа многу поквалитетно во нападот.
– Одигравме поквалитетно во реваншот, но, сепак, недоволно добро за поволен резултат. Нападот беше добар, но одбраната и овој пат не беше на нивото. Немаше агресивност, немаше борбеност, а знаеме дека без квалитетна одбрана не може да се добие натпревар. Тоа што и понатаму сме некомплетни не ни дозволува да ја составиме играта и да одиграме на потребното ниво и во одбраната и во нападот. Не сум среќен по серијата порази на европска сцена, но задоволен сум од играта, односот и од залагањето на младите ракометари во тимот. Од меч на меч покажуваат сѐ поголема зрелост и одговорност што е од непроценливо значење и за нив и за тимот. Верувам дека ова искуство многу ќе значи за нив, за нивниот развој, напредок и за поголема самодоверба во мечевите што ни следуваат – изјави тренерот на Металург, Оливер Димитриоски.

Поради позитивни случаи на коронавирус и повреди претходните четири меча од ЛЕ металурзите ги одиграа во десеткуван состав, во кој шанса за игра добија тројца кадети (по 16-17 години) и четворица младинци. Младите ракометари на Металург се единствените меѓу 22 пријавени ракометари за настап во ЛЕ што имаат одиграно неколку натпревари, ги имаат забележано своите први голови и први одбрани на европската ракометна сцена, како десното крило Александар Петковски (16), голманот Давид Брестовац (16)… Стефан Додиќ (17) сезонава веќе ја има улогата на стандарден првотимец, а има ефект од 17 гола во досегашниот тек на ЛЕ, 13 гола во двомечот со Висла, а 39 во досегашниот тек од сезоната постигна десниот бек Мартин Серафимов (20), а на линијата од шест метри пикерот Андреј Митиќ (20) на четирите меча од пролетниот дел запиша 19 погодоци.

Металург ќе биде некомплетен и на утрешниот меч (20.45 ч.) на гостински терен кај австрискиот првак Фиверс. Во првиот меч во Скопје, Металург и Фиверс одиграа нерешено 33-33.
Австријците во досегашниот тек од сезоната во Лигата на Европа имаат одиграно осум меча, во кои имаат една победа, две ремија и пет порази и со четири бода ја имаат петтата позиција на табелата во групата А. Пласман во осминафиналната фаза во ЛЕ, обезбедуваат четирите најдобропласирани екипи од секоја група.


ГРУПА А

Металург – Чеховски м. 32-37
Висла – Адемар 29-22
Фиверс – Металург утре 20.45 ч.
Адемар – Висла утре 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Висла 8 8 0 0 16
Aдемар 7 3 3 1 9
Чеховски м. 6 4 0 2 8
Тулуз 6 1 2 3 4
Фиверс 8 1 2 5 4
Металург 7 0 1 6 1