Две младински селекции, две цели – дивизија А и тест за СП 2019

123

Работно лето им претстои на избраниците на Данило Брестовац од младинската и од кадетската машка ракометна репрезентација, кои во следните два месеца ќе бидат дел од ЕХФ-шампионатите од дивизијата Б, кои ќе се одржат во Македонија (јуниори до 20 години) и во Грузија (кадети до 18 години).

Утре во 10 часот во салата „Пролет“ во Скопје ќе почнат подготовките на комбинираната селекција со ракометари родени од 1998 до 2000 година, кои ќе работат заедно за потребите на двете селекции.

– Ни претстојат двонеделни подготовки до почетокот на шампионатот во Скопје, во кои се предвидени комбинирани кондициско-техничко-тактички подготовки. Почнуваме со тренинзи во Скопје, а потоа седум дена ќе работиме во Маврово, каде што ќе одиграме и два контролни натпревара со јуниорската селекција на Црна Гора. Откако ќе се вратиме од Маврово ќе продолжиме со тренинзи во Скопје, а во преговори сме и за уште еден контролен натпревар – изјави Брестовац.

Први на сцена ќе стапат јуниорите, кои од 20 до 29 јули ќе се борат за освојување на првото место во групата Б и победа во финалето со првопласираната селекција од групата А, која ќе им донесе место на Европското првенство 2020 година. Во рамките на шампионатот две групи ќе играат и во Црна Гора. За да стигнат до посакуваната цел македонските јуниори ќе треба да бидат супериорни над своите врсници од Швајцарија, Италија, Украина и од Велика Британија, а потоа и над најдобрата селекција од групата во која се Белорусија, Фарски Острови, Финска, Грција, Естонија и Литванија.

– Со селекцијата до 20 години имаме јасно поставена цел, а тоа е влез во дивизијата А на европските првенства. Затоа, примарна цел ни е освојување на првата позиција во групата Б, а потоа победа во финалето со најдобрата селекција од групата А – рече Брестовац.

Кадетите, пак (родени 2000 и помлади), од 10 до 18 август ќе бидат дел од шампионатот во Грузија, каде што како дел од групата А ќе се играат со врсниците од Швајцарија, Фарски Острови, Естонија, Литванија и од Луксембург. Во групата Б се Белорусија, Италија, Финска, Грција и Грузија.

– Во Грузија одиме со поскромни амбиции. Најважно од сѐ ни е со оваа селекција да прикажеме добра игра, момците да добијат искуство бидејќи она што е важно за нас и за оваа генерација е Светското првенство в година во Македонија – рече селекторот.

Список на повикани ракометари:

Голмани: Виктор Василевски, Андреј Петковски, Матеј Петковски, Марко Кизиќ.

Крила: Димитар Димитриоски, Иван Димитровски, Глигор Гајиќ, Мице Шилегов, Дејан Ѓошевски, Ненад Костески.

Бекови: Марио Танкоски, Дејан Кукуловски, Дарио Петровски, Марко Мишевски, Томислав Јагуриновски, Игор Ѓорѓиев, Дејан Џигеровски, Бобан Каковски, Мартин Серафимов, Томче Стојановски, Филип Андонов. Ж

Пикери: Филип Арсеновски, Андреј Митиќ и Стефан Атанасовски.

Та.Д.