Две злата од младинските балканијади

203

Покрај освоената „бронза“ на СП за младинци во Италија во 1985 година, Станковски беше освојувач и на две балкански злата во младинска и едно сребро во сениорска конкуренција. По осамостојувањето, стандарден во македонската сениорска репрезентација. И покрај повредите и болеста, тој продолжи да игра до 37-та година

Времето минато во Битола, Аце Станковски не го заборава. Со Пелистер, работејќи со две познати тренерски имиња – Анте Костелиќ и Касим Каменица, научи многу работи што ќе му користат во неговата тренерска кариера. Но Скопје го влече и тој повторно се враќа во Вардар. Ова беше период кога почнаа да го мачат и повредите, па многумина помислуваа дека тука ќе биде и крајот на неговата кариера. Но не беше така. Прво, Станковски на 24 години замина во ЈНА, а кога се врати го погоди друг малер – заболе од жолтица. Паузираше речиси една година, за повторно да се појави на ракометниот терен, како ништо претходно да не се случило. Дури, изненадувањето за љубителите на ракометот да биде поголемо, благодарение на својата настојчивост и елан, кој никогаш не го напушташе, покрај младинската, стигна и до А-репрезентацијата на Југославија. Повторно беше оној стариот Станковски, добро познат по своите квалитети. Тој и понатаму беше цел на клубовите.

ИНТЕРЕСНИ МИГОВИ И ВО ЈАФА ПРОМЕТ
Клупската кариера на Станковски беше многу бурна. Тој, во оние транзициски години, кога се распадна поранешната држава, една сезона заигра за Морнар од Бар, во Црна Гора.
– Тоа беше еден период кога по распадот на државата секој си ја бараше својата среќа. Јас добив добра понуда од Морнар од Бар. Не размислував многу и решив таму да ја продолжам кариерата. Одиграв една сезона, сите беа задоволни од мојот придонес во играта, но со мислите бев во Македонија. Откако заврши таа кратка епизода, се вратив дома и како и во другите спортови, и ние во ракометот очекувавме нашата држава да биде примена за рамноправна членка во меѓународните асоцијации. Тоа ќе значеше отворена врата во Европа и во светот, како за репрезентацијата така и за клубовите. Кога дојде тој момент и ние добивме шанса да ги демонстрираме своите квалитети надвор од границите на државата – вели Аце Станковски.
Откако се врати од Црна Гора, Станковски ја продолжи кариерата во Металург, кој почна со големи амбиции за пробив во македонскиот, но и во европскиот ракометен врв.

– Амбициозноста на раководството на Металург беше она што беше решавачко да дојдам во овој клуб. Следните три години настапував за Металург, но кај мене како да тлееше желбата за нови предизвици. Така, кон средината на 1990-тите години, кога се создаваше онаа силна екипа на Јафа Промет, заминав во Ресен. Тука ја продолжив клупската кариера и воопшто не зажалив. Ресенци многу го сакаа својот клуб и создадоа навистина една неочекувано позитивна атмосфера, што резултира со освојувањето на шампионската круна во Македонија – продолжи Станковски.
Титулата беше виза за излез во Европа. Дојдоа настапите на европската сцена, и тоа во најсилната, шампионска лига. Јафа промет во своето деби, неочекувано, но заслужено го елиминира фаворизираниот Партизан. Потоа дојдоа двата меча со шпанскиот Грањолерс, кој објективно беше посилен тим и ресенци доживеаја елиминација. Но, и покрај тоа, тие настапи на европската сцена љубителите на спортот од овој македонски град никогаш нема да ги заборават.

– Интересно е дека во Ресен ја почнав и мојата тренерска кариера. Еден период кога немавме тренер јас ја презедов одговорноста и го водев сениорскиот тим, а претходно паралелно со играњето бев тренер на младинците, со кои станавме и државни прваци. По убавите години и доживеаните пријатни мигови во Ресен, дојде повторно враќање во Вардар и во Металург. Откако видов дека, сепак, не можам рамноправно да се носам со помладите, на 37 години прекинав со активното играње и сериозно се зафатив со тренерската работа во младиот тим на Вардар, во кој сум и денес – продолжи Станковски.

СП ВО ИТАЛИЈА ЗА ИСТОРИЈАТА
Паралелно со клупските настапи, Аце Станковски настапуваше прво за младинската репрезентација на Македонија, а од 1983 година стана и младински репрезентативец на Југославија.
– Вратата во репрезентацијата ми беше отворена, по Купот на републиките и покраините што се одржа во 1983 година во Приштина. Таму ги победивме Словенија и Хрватска, а јас бев прогласен за најдобар играч. Така се најдов во најсилниот младински состав на поранешната држава, со кој најголемиот успех го постигнавме на Светското првенство во Анкона, Италија, во 1985 година. Откако на овој шампионат несреќно загубивме во полуфиналето од Чехословачка, во борбата за бронзениот медал ја совладавме селекцијата на тогашна СР Германија. Јас на овој меч постигнав четири гола и дадов голем придонес за победата. Во тој состав, предводен од Слободан Мишковиќ и Павловиќ, уште беа Ходик, кој подоцна долг период го гледавме и на терените во Македонија, потоа Драган Маринковиќ, кој кариерата ја почна во Вардар, а ја продолжи во Пелистер, Обрван, Кукиќ, Васиќ, Пуц и Бабиќ. Овој пласман на СП не само што е за паметење туку е и за македонската спортска историја. Да се донесе медал во еден екипен спорт е голема работа. Инаку, на настапот во Италија претходеа две балканијади во младинска конкуренција на кои триумфиравме, во Бугарија во 1984 година и во Југославија, Ваљево, во 1985 година. Исто така, на Трофејот на Југославија во Тиват ги измеривме силите и со неколку сениорски репрезентации, што, секако, беше од голема полза за кревањето на нашата форма и за што подобра подготовка за мечевите со нашите врсници на СП. Во поранешната држава навистина имаше идеални услови за подготовки на репрезентативните селекции, па затоа и резултатите не изостануваа. На еден од последните настапи под знамето на поранешната држава во 1991 година бевме втори на сениорската Балканијада во Арад, Романија – вели Станковски.

ПОВРЕДА НА МЕЧОТ СО БЕЛОРУСИЈА
По осамостојувањето на нашата држава, Аце Станковски настапуваше за сениорската репрезентација, која почна да учествува во квалификациите за европските и за светските првенства. Исто така, во тој период, за да покажеме дека му припаѓаме на ракометниот свет, се појавивме како организатори на многу натпревари, меѓу кои и „Трофејот на Македонија“.
– Првпат како национална репрезентација на Македонија настапивме на традиционалниот „Трофеј Карпати“, кој се одржува во Романија. Јас поради повреда на тетивата не настапив на Трофејот. Но затоа играв на сите следни натпревари, меѓу кои и на оној од квалификациите за ЕП против Белорусија во Минск. И таму имав малер, повторно ја повредив тетивата и предвреме ја напуштив играта. Но, и покрај тоа, со девет гола бев најдобар стрелец. Многумина од репрезентативците по мечот во шега ми се обраќаа и велеа – каде ќе ти беше крајот ако не се повредеше и не го напуштеше теренот предвреме. Тие се шегуваа на сметка на деветте гола, а јас живеев со својата мака и мисла дали и кога ќе закрепнам од повредата – вели Станковски.
По заздравувањето, Станковски повторно заигра во репрезентативниот дрес. Тој секогаш го даваше својот максимум, но очигледен беше стравот од евентуално повторување на повредата. За сениорската репрезентација одигра околу 50 натпревари, со што и тој стана дел од македонската репрезентативна историја.
Така, со повреди, но и убави мигови течеше кариерата на еден од најдобрите македонски ракометари Аце Станковски. Тој може да биде задоволен од она што го постигна, а „бронзата“ од СП за младинци во Италија вечно ќе го потсетува на големото спортско достигнување.


Тренерска кариера
Аце Станковски уште како играч пројавуваше интересирање за тренерската работа. Тој почна во Ресен, а продолжи во Скопје.
– Бев помошник на Веселин Вујовиќ во Вардар, тоа ми причинуваше чест и задоволство. Но откако самостојно почнав да работам во младинскиот погон на клубот, дури тогаш ги почувствував и тежината и убавината на тренерската професија. Да се работи со млади е убаво, но треба да се биде внимателен во конципирањето на тренажниот процес. Тука не смее да се погреши, треба да се работи внимателно, без непотребно форсирање – вели тој.

Мал фудбал со Даре и Коки
Ми лежеа сите спортови со топка. Со Дарко Панчев и со Коки Аврамовски имавме екипа за мал фудбал, со која правевме дар-мар. Многумина ми прогнозираа слична кариера во фудбалот како во ракометот. Но што ќе одлучиш во младоста, тоа останува за иднината. Ете, јас отидов во ракометот, вели Станковски.

Кошарка со Дејан Јовановски
За тоа дека за сѐ го бидува Аце Станковски покажа и на кошаркарскиот терен. Играше во една екипа заедно со кошаркарскиот репрезентативец Дејан Јовановски и постигнуваше добри резултати.
– На еден силен турнир го освоивме третото место. Многумина се чудеа од каде јас тука, кога ме знаеја како ракометар. Но, ете, се најдов и таму – вели тој.
Ова набројување за Аце и за неговата надареност за сите спортови со топка го завршуваме со – одбојка на песок, и тука беше меѓу најдобрите.