Данците ги објавија строгите правила за да се одржи ЕП

70

РАКОМЕТ

Откако пред неколку дена данските здравствени власти и данската влада дадоа дозвола за одржување на Европското првенство (ЕП) за жени, го објавија и строгиот здравствен протокол до кој ќе мора да се придржуваат сите учесници на натпреварувањето што треба да се игра од 3 до 20 декември во Колдинг и во Хернинг. Според информациите, пред да пристигнат во Данска, сите учесници ќе треба да покажат негативен тест. Во текот на првата групна фаза селекциите ќе се тестираат секој ден, а потоа на 72 часа додека не ја напуштат Данска.
На делегациите (играчи, стручен штаб и официјални лица) им е забранет физички контакт со медиумите, членовите на семејствата и гледачите за време на ЕП, како и напуштање на хотелот (освен за тренинг и за меч), ниту, пак, некој, освен членовите на делегациите, ќе може да влезе во хотелот.

Ако некој од ракометарките, стручниот штаб или од техничкиот персонал прекрши некое од правилата ќе биде исфрлен од натпреварувањето. Од хотелот ракометарките ќе одат со автобус во сала, без користење соблекувални, а потоа веднаш се враќаат во хотелот. Ако некоја од ракометарките има позитивен тест, таа ќе биде изолирана, а репрезентацијата ќе може да игра натпревари. Доколку се случи некоја од репрезентациите да има повеќе позитивни ракометарки за да не може да одигра меч, во тој случај го завршува учеството на ЕП. Во салите во Хернинг и во Колдинг ќе може да има најмногу по 500 луѓе.