Гонзалес ќе подготвува алтернативи за секоја несакана ситуација

497
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во овие седумдневни подготовки ќе им дадеме шанса на некои од младите ракометари да ги покажат своите квалитети, за да бидеме подготвени на ситуации како на ЕП во Хрватска кога се повреди капитенот. Со добри тренинзи и повеќе тест-дуели сметам дека ќе играме подобро од меч во меч, рече Гонзалес

Во следните неколку дена, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), македонската репрезентација ќе ја одработи првата фаза од подготовките за квалификацискиот бараж-дуел со Романија за пласман на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска во 2019 година. За овој прв подготвителен собир селекторот Раул Гонзалес се одлучи да воведе малку свежина во репрезентацијата, изоставувајќи некои од поискусните стандардни репрезентативци и вклучувајќи неколку млади ракометари.

– Во овие седумдневни подготовки ќе им дадеме шанса на некои од младите ракометари да ги покажат своите квалитети, за да бидеме подготвени на ситуации како на ЕП во Хрватска, кога се повреди капитенот. Мораме да имаме алтернативи за секоја несакана ситуација. Сето тоа што ќе го работиме во овие неколку дена ќе се обидеме на дело да го спроведеме во контролниот натпревар со Русија. Со добри тренинзи и повеќе тест-натпревари, сметам дека ќе играме подобро од натпревар во натпревар – рече Гонзалес. Примарна цел на селекторот и на репрезентативците на овој собир ќе биде подготовка на одбранбена стратегија и напаѓачка тактика за баражот со Романија во јуни.

– Имаме два месеца до двомечот со Романија и веќе почнавме со анализа на нивната игра и на играчите. Секој слободен момент ќе го искористиме за заеднички тренинзи и ќе се обидеме што подобро да се уиграме за мечевите со Романија, со единствена цел да го задржиме континуитетот од учество на големите натпреварувања – рече Гонзалес.