Гонзалес: Подготвени сме и мотивирани, сакаме уште еден фајналфор

690
Раул Гонзалес

Постои одреден психолошки притисок, бидејќи многумина мислат дека лесно ќе биде да се победи во Скопје. Сепак, имаме голема можност, која треба да ја искористиме. Ќе биде тешко, но се надевам дека ќе успееме, вели Гонзалес, тренерот на Вардар, пред реваншот со Кил во ЛШ, в недела (17 ч.)

Нѐ очекува второто полувреме против Кил, но сега во наша сала и пред наши навивачи. Нема да биде лесно, бидејќи Кил има квалитетни ракометари и суперодбрана во формација 3-2-1, против која на првиот меч имавме проблем. Моите ракометари се подготвени, сите имаме мотивација, не се плашиме и сакаме да играме на уште еден фајналфор. Постои одреден психолошки притисок, бидејќи многумина мислат дека лесно ќе биде да се победи во Скопје. Сепак, имаме голема можност, која треба да ја искористиме. Ќе биде тешко, но се надевам дека ќе успееме, вели Раул Гонзалес, тренерот на Вардар, пред возвратниот четвртфинален дуел против германски Кил во Лигата на шампионите (ЛШ), в недела (17 ч., пренос на МТВ) во СЦ „Јане Сандански“.

Актуелниот европски и македонски првак Вардар има еден гол предност од првиот меч (29-28) и го делат уште 60 минути од можноста вторпат да се најде на фајналфорот во Келн, а со тоа и од можноста да го одбрани трофејот. Но Кил сигурно дека нема да дојде во Скопје со бело знаме, а за тоа говори и нивната последна убедлива гостинска победа над Лајпциг (28-16) во тамошното првенство. На страната на црвено-црните, пак, е и податокот што пред своите навивачи не знаат за пораз една година и седум месеци.

– Имаме јасна цел – да победиме и да се пласираме на фајналфорот. Но нема да биде лесно, бидејќи во Скопје ќе дојде еден од најсилните клубови во историјата. Затоа не треба да бидеме многу еуфорични, туку дуелот да го почнеме како да е 0-0. Ова, е, сепак, второ полувреме, имаме поддршка од публиката, се подготвувавме – вели капитенот Стојанче Стоилов, кој на првиот меч, заедно со вториот вардаров пикер, Бразилецот Рожерио Мораеш, беше најефикасен со пет гола.
Во другите три четвртфинални дуели, француските Нант (со Кирил Лазаров) и ПСЖ се на чекор до пласман во полуфиналето, по солидната предност по првите мечеви, а понеизвесно се очекува да биде во Монпелје, каде што гостува Фленсбург.


Кил сезонава е со половичен успех на гости

Ракометарите на Кил не можат да се пофалат со позитивен резултат на своите гостувања во ЛШ, сезонава. „Зебрите“ имаа вкупно осум гостувања, при тоа забележаа четири победи (Алборг, Фленсбург, Целје и Мешков), загубија трипати (Веспрем, Киелце, Сегед), а еднаш ремизираа (ПСЖ).


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Сабота
ПСЖ – Киелце 17.30 ч. (28-34)
Недела
Скјерн – Нант 16.50 ч. (27-33)
Вардар – Кил 17 ч. (29-28)
Монпелје – Фленсбург 19 ч. (28-28)

во заградите се резултатите од првите средби