Гонзалес: Кога грешиш во нападот, високо ја плаќаш сметката

468

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес по поразот од Монпелје во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн, изјави дека францускиот тим бил подобар во клучните моменти и дека грешките во нападот на „црвено-црните“ ги чинеле премногу.

– Монпелје одиграа перфектен и фантастичен ракомет против нас. Цел меч ние правевме грешки, а кога грешиш во нападот, високо ја плаќаш сметката. Во второто полувреме бевме подобри, имавме шанса да победиме, но Монпелје едноставно беше подобар од нас во клучните моменти. Честитки за играчите, горд сум на нив. Четири години минавме заедно, немам лоши зборови – изјави Раул на пресот по мечот вчера.

Бекот на македонскиот тим, Иван Чупиќ ја потврди супериорноста на противникот и додаде дека Монпелје заслужено е во финалето.

– Монпелје беше подобар од нас за тој еден гол. Ние почнавме со многу проблеми, примивме голови преку контра, најмалку седум до осум гола. Тоа не смее да се случува на вакви мечеви. Се вративме некако во мечот, но Монпелје заслужи да биде во финале. Треба да се одмориме и да се обидеме да се оддолжиме на нашите навивачи за овој пораз со позитивен резултат на мечот против ПСЖ – изјави Хрватот.