Голем број онлајн настани за време на Светската ракометна недела

36

Настаните ќе може да се следат на социјалните мрежи, ќе има голем број предавања, семинари, презентации, дискусии…, а круна на Светската ракометна недела ќе биде прогласувањето на најдобрите во светот во категориите ракометар, ракометарка и тренер за 2019 година

ИХФ ГО ПОЧНА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 74-ОТ РОДЕНДЕН

Од денеска, во следните седум дена, Светската ракометна федерација (ИХФ) ќе почне со одбележување на годишнината на своето основање (12 јули 1946 година) со Меѓународната недела на ракометот, која ќе опфати голем број активности во ракометниот свет.
Првично, како дел прославата на Светската ракометна недела, ИХФ имаше предвидено и специјални натпревари и курсеви, кои поради пандемијата на коронавирусот годинава ќе изостанат, така што ќе бидат заменети со онлајн виртуелни предавања, семинари, презентации… Круната на настанот ќе биде прогласувањето на најдобрите во светот во категориите ракометар, ракометарка и тренер за 2019 година.
Онлајн настаните ќе може да се следат на социјалните мрежи (#handballweek). Некои од темите се „Искуства и подготовки за светските првенства на ИХФ“, „Искуства од елитни спортисти“, „Предизвиците на тренерите со моментната состојба со коронавирусот“, „Улогата на жените во ракометот“, „Спортска медицина“ и „Ракомет во инвалидска количка“. На почетокот на секоја дискусија за темите, федерациите презентери ќе ги објават и своите тековни активности.

Ракометната федерација на Бахреин ќе презентира програма за судии и тренери, Австриската ќе спроведе виртуелна недела на активности, вклучувајќи и написи преку социјалните медиуми во кои ќе се истакнува нивната работа, вклучувајќи ги и ракометот на плажа и ракометот во училиштата, Холандската федерација во својата програма „Ракометно лето 2020“ ќе има специјални анализи за женската репрезентација на Светското првенство во 2019-та, која стигна до првата светска круна, потоа за машката репрезентација, потоа за работата и функционирањето на нивните ракометни академии… Во онлајн презентациите ќе учествува и Ракометната федерација на Непал, која ќе има виртуелна работилница за судии и за тренери. Освен едукативни предавања, Ракометната федерација на Португалија ќе емитува и атрактивни натпревари од претходни натпреварувања итн.

За што поголема промоција на ракометот на американскиот континент, возбудлива недела полна со активности планира и Ракометната конфедерација на Јужна и на Централна Америка, која беше формирана минатата година.
Како дел од славеничката програма, Светската ракометна федерација го промовира и своето ново лого.
– За да останеме во чекор со глобалниот спортски пазар и да ѝ се допаднеме на модерната публика, логото го модернизиравме, со нов елегантен минималистички изглед, погоден да одговара на денешното дигиталното време – пишува во објавата на официјалната страница на ИХФ.