Германија формира работна група за подготовка на следната сезона

42

РАКОМЕТ

Иако голем е бројот на ракометни федерации што уште не се изјасниле за статусот на првенствата од тековнава прекината сезона поради коронавирусот, Германската ракометна федерација (ДХБ) во соработка со машката и со женската Бундес-лига формира работната група за да ги подготви професионалните клубови за наредната сезона. Според соопштението на ДХБ, целта на групата е да го води врвниот ракомет низ условите наметнати од пандемијата на коронавирусот, за клубовите да можат целосно да се вратат во тренажен процес и повторно да се играат натпреварувањата.

Меѓу другото, со помош на разни експерти тие ќе се обидат да дефинираат како би патувале екипите доколку се земат предвид хигиенско-здравствените норми. Според зборовите на директорот на ДХБ, Аксел Комер, заедничко прашање на сите членови на работната група било како да се вратат екипите и ракометарите во натпреварувачка форма по долгата пауза и индивидуалниот тренинг. Работната група, исто така, разговарала на тема за публиката односно дали би било можно повторно враќање на гледачите во салите. Репрезентативниот голман Јоханес Битер и тренерот на Фленсбург Маик Махула биле претставници на играчите и на тренерите во работната група.

– Многу професионалци сакаат зрел концепт за враќање во натпреварувањата. Има уште време до почетокот на подготовките за новата сезона и овие проблеми треба да се искористат за да се запрашаме не само кога, туку и како да се врати натпреварувачкиот спорт – рече голманот на Штутгарт, Битер за германскиот портал „Келер нахрихтен“, а изјавата ја пренесе „Кикер“.