Георгиевски: Се подготвуваме за триумф во Скопје, а потоа и во Клуж

122

Знаеме каква репрезентација ќе имаме спроти нас и што можеме да очекуваме. Верувам дека имаме квалитет и сила да го задржиме континуитетот од настапи на големите натпреварувања, изјави десното крило Георгиевски, пред двомечот со Романија за пласман на СП 2019

Македонската ракометна репрезентација веќе неколку дена интензивно се подготвува за бараж-дуелите со Романија, за пласман на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска во 2019 година. Селекторот Раул Гонзалес на располагање го има најсилниот и проверен состав на репрезентацијата, кој в недела (20.30 ч.) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и в среда во Клуж, ќе треба да ја потврди својата супериорност на терен и четврти пат во низа, а шести вкупно, да се пласира на СП.
– Доволно сме искусни и свесни за тоа каква репрезентација ќе имаме спроти нас и знаеме што можеме да очекуваме. Романија е во еден налет, гладна за успеси и за докажување со единствена желба да се пласира на едно големо натпреварување. Во последниот период доста вложуваат во нивниот напредок. Очекувам неизвесен и тежок двомеч. Ќе се потрудиме што подобро да се подготвиме, да одиграме максимално мотивирано и концентрирано за да стигнеме до триумф во мечот во Скопје, а потоа и во Клуж. Верувам дека оваа наша селекција има квалитет и сила да го задржи континуитетот од настапи на големите натпреварувања – изјави десното крило Гоце Георгиевски, кој изминатава сезона играше во романскиот шампионат, во Букурешт.
Шпанскиот селектор Хавиер Пасквал, кој е на чело на романската селекција, на списокот од 22 ракометари за двомечот со Македонија има пет искусни интернационалци и 17 ракометари од домашното првенство. Меѓу позвучните имиња на кои ќе треба да се обрне поголемо внимание се голманот на Ст. Рафаел, Михаил Попеску, организаторот на играта на Кретеј, Александру Чепреги, членовите на полската Висла, левиот бек Дан Ракотеа и десното крило Валентин Гионеа, и десниот бек на францускиот Трембле, Мариус Садовац. 


Македонија доби нови осум мастер-тренери

Од есен овие лиценци се задолжителни за сите тренери што ќе водат тимови
во официјалните натпреварувања на ЕХФ

Македонија стана побогата за осум мастер-тренери што успешно ја завршија обуката и го положија завршниот испит, која, според програмите и регулативите на Европската ракометна федерација (ЕХФ), ја реализира Хрватската ракометна федерација.
Симе Симовски, Владимир Глигоров, Никола Матлиески, Душко Кландев, Бранислав Весиќ, Александар Петровски, Александар Јовиќ и Аце Станковски ги добија своите мастер-лиценци, кои од натпреварувачката сезона 2018/2019 се задолжителни за сите тренери што ќе водат тимови во официјалните натпреварувања под капата на ЕХФ – европски клупски купови и мечеви на репрезентациите.
Сега Македонија има 13 тренери со ваква лиценца, откако претходно се здобија Данило Брестовац, Стевче Алушевски, Андон Бошковски, Борче Марковски и Звонко Шундовски. Следни македонски тренери што ќе влезат во мастер-друштвото се Индира Кастратовиќ, Јулијана Дамчевска и Бранислав Ангеловски, кои веќе го поминаа првиот дел од обуката, а кон крајот на јуни со обука ќе почнат уште тројца ракометни тренери Стојан Петрушевски, Оливер Димитриоски и Рубин Кузманоски.
Оваа бројка во иднина се очекува уште повеќе да се зголемува, затоа што преку Центарот за едукација на ракометни тренери при РФМ и Здружението на ракометните тренери на Македонија постојано излегуваат нови групи амбициозни тренери, кои се желни за проширување и надградување на своите знаења.